Претставување на тимови: Кожув на „македонски погон“ бара враќање при врвот

Сезоната 2021/22 во македонската кошарка е на повидок, а во неа 12 клуба ќе се борат за титула и за опстанок во елитното натпреварување. Еден од нив ќе биде и Кожув, клубот кој се најде во незавидна ситуацијата претходната сезона кога за „чекор“ не избори место во разигрувањето за титула и се бореше за место меѓу дванаесетте екипи оваа сезона.

Со поука од претходната сезона, но и со амбициосен состав оваа, избраниците на Павле Николов се подготвени за надмудрување на теренот и враќање на гевгелискиот тим на врвот на табелата.

„Доста добро ги одработивме подготовките за новата сезона и покрај тоа што ни недостасуваше играч на позицијата центар кој се надевам дека ќе го ангажираме што поскоро за да бидеме комплетни за првиот натпревар во сезоната против екипата на ТФТ. Не одигравме многу пријателски натпревари во претсезоната, но она што можев да го видам на теренот сигурен сум дека овие момци ќе бидат подготвени за борба“, изјави за ЕКИПА Николов.

„Очекувањата се пласман во Суперлигата, на тоа целиме. Задржавме дел од костурот на екипата од претходната сезона и го дополнивме со неколку квалитетни имиња, а доколку не служи здравјето зошто не и нешто повеќе“


Кожув во текот на летото успеа во своите редови да ги задржи Марко Симоновски и Предраг Пајиќ кои беа дел од носители на играта претходната сезона заедно со заминатиот Караџовски, а од овие играчи се очекува многу и во новата сезона. Покрај нив беа задржани и дел од младите кошаркари за кои очекувањата се да добијат поголема шанса, а од домашните играчи камбек направија Горан Главчев и Даниел Нацевски, и пристигна Кирил Николовски.

Заминаа странците кои не се прикажаа во најдобро светло и не беа „тимски расположени“, а пристигна Чаз Вилијамс кој беше извонреден во Пелистер претходната сезона, а покрај него и Влатко Граниќ со тоа што е оставен простор за дополнитени странци.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ: Борба за место во Суперлига

Кожув во своите редови ќе има двајца поранешни македонски репрезентативци кои носат огромно искуство и од нив се очекува да бидат лидери на тимот. Покрај нив тука се и Пајиќ и Начевски кои веќе зад себе имаат неколку квалитетни сезони во Првата лига па дозата на искуство ќе биде од огромна помош.

Доколку „кликнат“ и странците јасно е дека тимот кој ќе се натпреварува само во домашното првенство ќе биде еден од претендентите за повисок пласман. Плејаутот се чини многу далеку за „црвено-белите“, но со оглед на конкуренцијата и искуството од претходната сезона, Кожув ќе мора да биде константен за загарантирано место во Суперлигата.

Се вчитува...