Претставување на тимови: МЗТ Скопје 2 бара продолжување на прволигашката бајка

На два дена пред почетокот на сезоната 2021/22 во македонската кошарка продолжуваме со претставувањето на тимовите кои ќе се борат за титула и опстанок. Еден од нив ќе биде МЗТ Скопје 2, вториот тим на аеродромци зад кој е фантастична сезона во која беше изборен опстанок во „елитата“ со најмладиот состав во лигата.

Целите за новата сезона остануваат исти – изборување на опстанок и развивање на млади играчи, но овој пат „штркчињата“ ќе имаат нов предводник во легендата на „сино-белите“, Перо Блажевски.

„Задоволен сум од подготвителниот период кој помина без некои сериозни проблеми па ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Сеуште се вклопуваме, имаме некои играчи од претходната година, а го засиливме составот и со неколку странци кои ќе донесат мало искуство. Првиот дуел ни со Работнички која е екипа слична на нашата, очекувам интересен натпревар во кој нашите млади играчи ќе дадат се од себе да стигнат до победа“, изјави за ЕКИПА тренерот Перо Блажевски.

„Целта за сезоната е изборување на опстанок, а доколку успееме да направиме нешто повеќе тоа би било плус за клубот, но и самите играчи. Покрај тоа МЗТ 2 продолжува со развивањето на млади играчи како што беше тоа и претходната сезона“.


МЗТ Скопје 2 за новата сезона задржа дел од играчите кои претходната сезона изобрија опстанок во „елитата“: Андреј Андоновски, Виктор Исајловски, Максим Митевски, Михаил Наумоски, но претрпе и голем број на заминувања како: Лејсон Зекири, Борјан Стојановски, Леонид Тодоровски, Лука Савичевиќ, Роб Монтгомери и Дарио Миетвски кој беше „прекомандуван“ во првиот тим.

Нови засилувања се: Габриел Коскоски, Лука Петровски, Адријан Наумоски, млади играчи од М18 селекција, Кахим Рансон, Маозина Переира, младите Турци Демир Доган и Самет Јигитоглу.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ: Борба за опстанок

Очекувано, МЗТ Скопје 2 и во новата сезона ќе се бори за опстанок во „елитата“. За разлика од претходната сезона кога тимот беше составен од домашни таленти кои ја имаа помошта само од Роб Монтгомери, заминувањата на дел од клучните играчи го приморија тимот решение да бара во странците.

Истите се доведени со цел да ги покријат дефицитарните позиции. Рансон ќе го менува Савичевиќ, а Переира, Доган и Јигитоглу ќе ги покриваат високите позиции па и покрај тоа што е очекувано домашните играчи кои се иднината на мак-баскетот повторно да бидат предвoдници, ќе биде интересно да видиме како ќе бидат распределени минутите.

Се вчитува...