Претставување на тимови: „Ребрендираниот“ Работнички со долгорочен план ќе се враќа на врвот

Три дена не делат од почетокот на сезоната 2021/22 во која нашиот најтрофеен тим, Работнички по турболентанта сезона во која беше кандидат за највисок пласман и разигруваше во АБА2 лигата, влегува со „ребрендиран“ состав со цел на долгорочен план да се врати на врвот на македонската кошарка.

Пред центарци е сезона исполнета со нови предизвици, а во таборот на тимот владее оптимизам за она што следи кое ќе биде само прв чекор од исполнување на долгорочниот план.

„Имаме целосно променета екипа и стручен штаб со некои 35 до 40 дена подготовки и засега сум задоволен од смисла на залагање на играчите на самиот тренинг како и Суперкупот каде пресуди немањето искуство на играње на ваков вид натпревари кај поедини играчи. Грешките се грешки тоа се надополнува, но клучно беше искуството за овој млад тим. Кратко време сме заедно и овие играчи сеуште не се распознаваат на висински начин и мислам дека како одминува сезоната ќе биде на уште повисоко ниво и поголем квалитет“, изјави за ЕКИПА, тренерот Тони Симиќ.

„Целите за сезоната со оглед на промената на играчкиот и тренерскиот кадар е да се стабилизира клубот и да почне да доликува за Работнички, нешто што за нас е многу важно. Амбициите конкретно е што е можно повеќе од младите играчи да испливаат на крајот на сезоната како носители за следната година и очекувам пласман барем во првите шест. Не бркаме шампионски титули, но сакаме да растеме од натпревар во натпревар“.


Работнички е тимот кој претрпе најголеми промени ова лето. Покрај тоа што заминаа речиси сите играчи кои ги бранеа „црвено-белите“ бои претходната сезона, клубот има и нов стручен штаб на чело со клупските легенди Тони Симиќ, Диме Тасовски и Ѓорѓи Чековски.

Од клубот заминаа: Димитар Караџовски, Кирил Николовски, Марјан Младеновиќ, Љубомир Младновски, Виктор Ефремовски, Мирко Мулалиќ, Иван Аска, Филип Бундовиќ и Стефан Балмазовиќ.

Нови играчи се: Валмир Какруки, Александар Тодоровски, Ранко Мамузиќ, Љубиша Димитриовски, Јован Александровски, Горјан Марковски, Милош Мацура, Пол Џексон, Роман Луизер, Недим Мустафица, Виктор Златевски, Кристијан Столески и Давид Наумовски.

ПРЕДВИДЕШ ФИНИШ: Плејаут

Пред Работнички е тешка сезона во која „црвено-белите“ покрај тоа што имаат млад тим кој допрва треба да се воигрува ќе ги има и „гладните“ тимови кои секогаш имаат дополнителна мотивација кога е среќаваат со „вечните“. Центарци оваа сезона ќе бидат цел за освојување на два бода на секој противник, но тоа ќе има позитивен ефект во годините кои следат.

Работнички на Суперкупот докажа дека во своите редови има добри странци кои ќе бидат темелот на играта заедно со поискусниот Горјан Марковски и ѕвездата во подем Љубиша Димитриовски, но пред „црвено-белите“ е долга сезона исполнета со многу предизвици. Можеби еден од нив нема да биде борбата за опстанок, но многу работи ќе треба да се поклопат за овој тим да се најде помеѓу фаворизираните екипи кои ќе се сретнат во Суперлигата.

Се вчитува...