Претставување на тимови: Суперлигата е реалност за Куманово

Десет дена не делат од почетокот на новата сезона на мак-баскет сцената која повторно ќе брои дванаесет клубови кои ќе разигруваат на титула и опстанок во „елитата“. Еден од нив ќе биде Куманово кој претходната сезона беше на чекор до изненадување и полуфинале кога на „мајсторката“ во Аеродром имаше предност од десет поени на нецели три минути пред крајот на средбата, но по продолжение домаќинот се радуваше на следната фаза.

Со поука од претходната сезона, но и уште поамбициони оваа, „сино-белите“ влегуваат во новата сезона со цел натпреварување на три фронта: домашното првенство, БИБЛ лигата и квалификациите на ФИБА Еврокупот кои ќе бидат први официјални натпревари за клубот оваа сезона.

„Подготовките ги започнавме околу 15. август во нашата спортска сала „Перо Наков“ каде трениравме два пати на ден се со цел што подобро да се подготвиме во пресрет на новата сезона каде не очекува борба на три фрона. БИБЛ лигата, ФИБА Еврокупот и домашно првенство. Играчкиот ростер го комплетиравме и сега нестрпливо го очекуваме стартот. Одигравме неколку пријателски средби каде пробувавме комбинации за што подобро воигрување на кошаркарите“, вели за ЕКИПА тренерот Игор Ѓорѓиевски.

„Искрено посакувам што подобро да се претставиме во сите натпреварувања како и што подалеку да отидеме во сите од нив. Задоволен ќе бидам ако наметнеме свој стил на брза и атрактивна кошарка, а резултатот сам ќе си дојде“.


Тимот на Куманово од однос на претходната сезона претрпе огромни промени. „Сино-белите“ останаа без неколку домашни играчи како Горан Марковски, Дамјан Робев, Филип Стојановски и Миодраг Тодоровиќ, а променети се и четритите странци: Бранислав Џекиќ, Александар Андрејевиќ, Отис Ливингстон и Јован Црниќ.

Задржани се Стеван Глигоријевиќ и Иван Волкановски, а како нови засилувања пристигнаа Петар Николиќ, Андреј Настовски, повратник е и Ненад Зичевиќ, а од станците пристигнаа Србите Џукановиќ и Каплановиќ, и Американците Холмс и Џозеф.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ: Суперлига

Куманово и во новата сезона ќе има респектабилен тим кој повторно ќе се базира на странските играчи. Во тој поглед многу ќе значи од формата на Џонатан Холмс, кој беше најавен како огромно засилување, но по претсезонските натпревари јасно е дека на 28-годишникот кој пред ангажманот во Куманово долго време беше без клуб ќе му биде потребно време за адаптација.

Во тој поглед со Џукановиќ и Каплановиќ, Куманово добива стабилност во играта пред се поради фактот дека на српските интернационалци добро им е познат системот на кошарка на ова подрачје, а Џозеф личи како адекватна замена за Ливингстон.

Борбата на три фронта може да биде исцрпувачка за „сино-белите“ кои и го немаат најширокиот ростер за ваков подвиг. Можеби квалификациите за ФИБА Еврокупот ќе бидат „голем залак“ за Куманово, но веќе првиот дуел со Гмунден ќе го даде вистинското лице на тимот и што понатаму.

Долгите патувања кои и им претстојат на „сино-белите“ може да се одразат на домашното тло, но овој тим е подготвен за Суперлига, дали и за повеќе останува да видиме.

Се вчитува...