До големиот спортски ден остануваат уште неколку недели, а подготовките за Виз Ер Скопски маратон 2026 веќе се во полн ек. На 4 октомври 2026 година Скопје повторно ќе ги пречека љубителите на трчањето од земјата и странство, а сите кои сè уште се двоумат дали да бидат дел од оваа спортска приказна, денеска имаат уште една причина да ја донесат одлуката.
Сите што ќе се пријават заклучно со денеска, 27 август, ќе добијат официјална маица вклучена во стартниот пакет. Ова важи за сите четири трки – од рекреативната трка на 5 километри, преку полумаратонот на 21 км, па сè до маратонот од 42,195 километри. Дел од програмата е и штафетниот маратон „ЕУ за спорт“, а покрај во полумаратонот и на трката на 5КМ, од оваа година тимско натпреварување (Team Building трка за компании), ќе има и во маратонската трка.
По истекот на денешниот рок, маицата нема да биде дел од стартниот пакет, па сите кои сакаат да ја имаат официјалната маица на Виз Ер Скопски маратон треба да ја завршат регистрацијата до крајот на денот.
Иако денеска е последната можност за добивање маица во стартниот пакет, пријавувањето за Виз Ер Скопски маратон 2026 продолжува. 18 септември е последниот рок за пријавување по актуелните цени, што им остава на заинтересираните уште време да го обезбедат своето учество и да продолжат со подготовките за 4 октомври. Сепак, оние кои сакаат да ја имаат официјалната маица во својот стартен пакет треба да се пријават заклучно со денеска.
Годинашниот Виз Ер Скопски маратон веќе привлекува голем интерес и надвор од границите на Македонија. Досега се пријавени учесници од 52 земји, со што маратонот уште еднаш ја потврдува својата меѓународна димензија и позицијата на значаен спортски и туристички настан во регионот. Покрај домашните натпреварувачи, најголем број пријавени странски учесници досега има од Србија, Германија, Велика Британија, Шпанија, Италија, Франција, Унгарија, Турција и Холандија. На 4 октомври, Скопје повторно ќе биде место каде што преку спортот ќе се поврзат луѓе од различни земји и култури.
Со мотото „Трчањето ќе те промени“ („Running Will Change You“), Виз Ер Скопски маратон потсетува дека трчањето не е само пат до финишот, туку патување кое го менува човекот. Секој тренинг носи нова сила, секој истрчан километар ја зголемува самодовербата, а секоја надмината граница е доказ дека можеме да постигнеме повеќе отколку што сме очекувале. Затоа, на 4 октомври не се трча само кон целта – се трча кон подобра верзија од себе.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
