Прилеп ја освои Автокоманда за опстанок, Металург2 ќе игра бараж (фотогалерија)

Ракометарите на Прилеп стигнаа до триумф во клучната битка за опстанок против Металург 2, славејќи со 27-29 во Автокоманда и обезбедувајќи си место во елитното друштво за наредната натпреварувачка сезона.

Прилепчани поведоа со 11-14 во првото полувреме,  а потоа го контролираа резултатот до самиот крај, во поголемиот дел од второто полувреме имаа и „плус пет“ за на крајот да слават со два гола разлика. Двата тима ја завршуваат сезоната со израмнет број на бодови, но Прилеп благодарение на подобриот меѓусебен скор го обезбеди своето место во елитата. Што се однесува до Металург 2, овој тим за да остане да биде дел од елитното друштво ќе мора да слави во баражот против Струга, екипа што го освои второто место во Првата лига.

Сезонава ниту една екипа не испаѓа директно од Супер-лигата поради фактот дека лани во елитното друштво имаше еден тим помалку, поради откажувањето во последен момент на Младост Богданци.

Менде Петкоски со осум гола беше најзаслужен за победата на прилепчани, Шокоски постигна пет гола за победничкиот тим, додека најефикасни кај Металург 2 беа Младеновиќ, Гајиќ и Митиќ со по седум погодоци.

Се вчитува...