Прилеп повторно живее за фудбал: По 12 години се враќа Првата лига под Маркови кули!

По стартниот неуспех во Струга фудбалерите на Победа денеска од 17 часот на Градскиот стадион „Гоце Делчев” во премиерниот меч на свој терен по враќањето во Првата лига ќе го пречекаат Тиквеш. Децении наназад комшиските дуели на двата клуба предизвикувале посебен интерес кај љубителите на фудбалот. Клубови, исто така децениски, спортски пријатели но и лути ривали. Се чини подобра увертира за отворање на прволигашката сезона на домашен терен за прилепчани и не можеше да се посака.

Сигурно од натпреварувачки аспект бодовите се потребни за двата тима а црвено-белите како домаќини и повратници во елитната конкуренција сигурно ќе ги посакуваат повеќе. Гостите имаат поискусен, на хартија можеби и поквалитетен состав, но избраниците на Бабунски со своето максимално залагање ќе треба да го наметнат и на теренот да го спроведат во дело она што од нив ќе го бара стручниот штаб.

Но, јасно е дека Прилеп денеска ќе „гори“ повторно со прволигашки фудбал. Ако на решавачките мечеви во Втората лига имаше по 4-5.000 гледачи тогаш на денешната прволигашка премиера на свој терен црвено-белите треба да имаат подршка од побројна и погласна публика во текот на сите 90 минути, дотолку повеќе што по пауза од 12 години ќе се игра прволигашки фудбал на Градски.

Бидејќи мечот е прогласен од висок ризик и вратите на стадионот ќе се затворат во време на почетокот (17 ч) ФК Победа ги повикува љубителите на фудбалот на стадион да дојдат порано од вообичаено. Цената на билетите за денешниот натпревар во Прилеп изнесува 100 денари.

ПРВА ЛИГА – 2. КОЛО (денеска, 17 ч.)
Штип: БРЕГАЛНИЦА – СТРУГА ТЛ
Прилеп: ПОБЕДА – ТИКВЕШ
Струга: ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС
Скопје: РАБОТНИЧКИ – АК. ПАНДЕВ
Слободен е Скопје
ВЧЕРА
Скопје: ШКУПИ – МАКЕДОНИЈА ЃП 2-1 (0-0)
Трапановски 67′, Цефас 70′ (Ш) – Скендери 87′ (МЃП)

Се вчитува...