Приморска потврди: Клубот нема да „умре“, ќе играме во АБА-лигата

МЗТ Скопје останува со празни раце во надежите дека ќе обезбеди учество во АБА1 откако Приморска најде решение за огромните финансиски проблеми и во последен момент се спаси од банкрот. Словенечкиот клуб мора во најскоро време да покрие 700.000 евра, вкупниот долг изнесува околу два милиони евра, а по откажувањето на настапот во Супер-купот на Словенија се чинеше дека банкротот е неизбежен.

Сепак, утрово се појави информација дека Приморска нашла спонзор што ќе ги реши финансиските проблеми, што попладнево беше потврдено и со клупско соопштение на тимот од Копер.

„По бројни шпекулации по медиумите з анашата иднина, со ова официјално соопштение сакаме да ги известиме сите дека клубот ќе продолжи да функционира. И покрај тешките времиња, успеавме да обезбедиме помош што ќе ни овозможи да се натпреваруваме во сите натпреварувања во кои бевме пријавени за новата сезона“, се вели во соопштението на Приморска, потврдувајќи ја намерата за учество во АБА1.

Името на мистериозниот спонзор засега се држи во тајност, но сега приоритет е составување на играчки кадар, задржување на дел од домашните кошаркари и доведување на квалитетни странски засилувања.

„Се чинеше дека кошаркарската приказна во Копер е завршена. Сепак, во последните два дена постигнавме значаен договор со партнери што ни овозможува да продолжиме напред“, порачуваат од Приморска.

Се вчитува...