Притисок врз Чурлинов и соиграчите: Ако Шалке испадне од Втората лига, клубот ќе згасне

Дарко Чурлинов минатата седмица потпиша за Шалке како значаен адут за опстанок во Втората лига, но притисокот врз македонскиот голгетер и неговите соиграчи уште повеќе се зголеми по последните информации дека на „сините“ од Гелзенкирхен им се заканува целосен колапс ако клубот не остане во второто по ранг натпреварување во Германија.

Финансиските проблеми на Шалке се добро познати со години наназад, клубот е во „минус“ од речиси 200 милиони евра, а интересно е што во Втората лига ваквиот негативен биланс се толерира, но никако не и во Третата лига на Германија.

„Шалке нема шанси да добие лиценца за настап во Третата лига. Правилата се јасни, а долговите од над 180 милиони евра се превисоки за да се направи исклучок. Ситуацијата е „се или ништо“ за Шалке, или клубот ќе остане во втората лига, или ќе биде преселен во најските регионални натпреварувања“, пишува германски „Скај“.

Тимот на Чурлинов освои само еден бод во последните три рунди, по што падна на делба на 15. и 16. место со екипата на Брауншвајг. Од втората лига на Германија испаѓаат 17. и 18. екипи на табелата, додека онаа на 16. позиција ќе игра бараж за опстанок со третопласираниот тим од Третата лига.

Нема дилема, сега Чурлинов и соиграчите мора да дадат се од себе за да обезбедат опстанок, иднината на клубот е во прашање…

Се вчитува...