Проблем до проблем: Хендрикс „заглави“ во САД, Трајковски со незгодна повреда, „во аут“ и Маслинко

Селекторот Јорданчо Давитков се соочува со серизни проблеми во пресрет на квалификацискиот натпревар против Романија. Александар Костоски објави завршување на репрезентативната кариера, крајно неизвесен е настапот на Бојан Трајковски, а дополнителна главоболка на кормиларот Давитков му создава доцнењето на Американецот Ричард Хендрикс.

„Ситуацијата е проблематична во најмала рака кажано. Трајковски има проблем со рскавицата на коленото и при мал напор му се создава голем оток. Денеска ќе оди на нови прегледи по што ќе имаме поконкретни информации, но повредата не делува нималку наивно. Маслинко поради повреда не е дел од тимот, а згора на тоа доцни и Хендрикс, кој требаше да пристигне вечерва, но летот од САД му беше одложен поради временски непогоди“ – истакна Давитков.

Македонија во првиот натпревар славеше убедлива победа над Романија, затоа и в четврток може да си дозволи и пораз до 14 поени за сепак да остане на првото место.

„Такви математики не се дел од нашите размислувања, ќе излеземе на терен за да одиграме најдобро што можеме и да стигнеме до победа. Не смее да се влезе во калкулации бидејќи знаете дека во кошарката и за една-две минути може да се примат десет поени во серија, па да се влезе во сериозен проблем. Ги познаваме Романците, и тие имаат проблеми со повреди како и нашиот состав, но ние се фокусираме максимално само на нашиот настап“ – вели македонскиот селектор.

Се вчитува...