Трансферот на Алексис Санчез во Баерн Минхен е далеку од завршена работа по неуспешните разговори што раководството на германскиот првак во изминатите денови ги водеше со агентот на голгетерот на Арсенал. Иако се најавуваше дека поголемиот дел од деталите се договорени, последните информации говорат дека двете страни се предалеку од наоѓање заеднички јазик поради превисоките барања на фудбалерот, кои се нереални за челниците на Баерн.
Како што јавува весникот „Билд“ понудата од 13 милиони евра по сезона од Баерн била експресно одбиена од страна на агентот на фудбалерот, кој инсистирал на плата од 20 милиони евра годишно, плус бонуси во зависност од освоените трофеи со новиот клуб. Ова е неприфатлив за баварскиот гигант бидејќи Алексис инсистира на плата повисока и од онаа на Роберт Левандовски (заработува 18 милиони евра, плус четири доколку ги освои ЛШ и Бундес-лигата), кој според челниците на Баерн мора да остане најплатен играч во овој клуб бидејќи нарушувањето на оваа „хиерархија“ може да донесе незадоволство не само кај Полјакот, туку и кај дел од останатите фудбалери кои би имале и двојно помала плата од Санчез доколку овој трансфер се реализира.
Преговорите засега се стопирани, со порака од баварскиот гигант дека максималната плата што Санчез може да ја добие на „Алијанц арена“ би изнесувала 16 милиони евра. На потег е чилеанскиот фудбалер, кој најверојатно во следниот период ќе разговара и со Манчестер сити и ПСЖ, но и со раководството на Арсенал, пред да ја донесе конечната одлука за својата иднина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА