Проблем за Монако: Бакајоко неизвесен за првиот меч со Јувентус во ЛШ

Францускиот тим Монако се соочува со проблеми пред првиот полуфинален меч од Лигата на шампионите против Јувентус, кој ќе се одигра в среда, на стадионот „Луј Втори“ во Монте Карло. На последниот тренинг пред вчерашниот меч во францускиот шампионат се повреди играчот за врска Тиму Бакајоко. Тој заработи скршеница на носот и не играше против Тулуз, а е неизвесен и за мечот в среда против италијанскиот првак Јувентус.

„Бакајоко во петокот на тренинг заработи скршеница на носот. Повредата е санирана, но тој ќе биде неизвесен до самиот ден на одигрување на мечот со Јувентус. Можеби би можел да настапи со заштитна маска, но ќе треба овие два – три дена да се види како се чувствува и да се навикне да игра фудбал со неа. Засега, тој е надвор од тренажен процес, но се надевам дека во понеделник ќе одработи дел од тренингот“, изјави тренерот на Монако, Леонардо Жардим.

Се вчитува...