Проблем за МЗТ: Приморска не го дава местото во АБА

Македонскиот кошаркарски шампион, МЗТ Скопје Аеродром е во очекување на разврската на ситуацијата со финансиските проблеми на Приморска. Aко словенечкиот тим не ги затвори долговите кои според информациите се околу два милиони евра, МЗТ ќе го добие неговото место во АБА лигата. Но, од Словенија доѓаат спротивни информации. директорот на Приморска, Горан Јагодник вели дека клубот и во следната сезона ќе биде дел од јадранската елита.

„Шпекулациите се едно, а реалноста сосема друго. Ништо значајно не се променило во однос на претходниот пaт кога зборувавме на оваа тема, единствено тоа што сме поблиску до остварувањето на планот кој го имаме, а тоа е затворање на финансиската конструкција, формирање на ростерот за идната сезона и се разбира, учеството во АБА лигата. Собранието на АБА е закажано за крајот на месецот, но јас не гледам како би можела Приморска да биде една од темите на разговор. Ние во ниеден момент не сме кажале дека не можеме или не сакаме да бидеме дел од елитната дивизија во која минатата сезона бевме најпријатно изненадување. Верувам дека многу брзо ќе ја соопштиме радосната вест за љубителите на кошарката во Словенија и навивачите на Приморска. Повторувам уште еднаш, сигурен сум дека најдобрите екипи од регионот и идната сезона ќе доаѓаат во Копер“ – вели Јагодник во интервју за српскиот Спортклуб.

Ако не го добие местото на Приморска во АБА, МЗТ и во следната сезона ќе биде дел од АБА 2 каде што се натпреваруваше и во претходните две сезони. Во оваа што беше прекината, во моментот на откажување на сезоната беше на третото место, а двете првопласирани екипи обезбедија пласман во најсилното друштво.

Се вчитува...