Проблеми без граници: Куманово пред исклучување од БИБЛ-лигата!

Финансиските проблеми со кои се соочува Куманово носат сериозни пречки за нормално функционирање на овој клуб. Поради финансиските долгови кон играчите и конфликтот со тренерот од тимот си заминаа Каплановиќ и Петар Николиќ, а денеска лоша вест за кумановци стигнува од Бугарија, откако раководството на БИБЛ-лигата реши да ги одложи сите натпревари на овој македонски прволигаш.

Причина – неисполнетите обврски на „сино-белите“ кон регионалното натпреварување, поради што на Куманово му е даден последен рок до 25 ноември да ги врати долговите, во спротивно ќе биде исклучен од натамошниот дел од натпреварување.

„Со сета почит кон КК Куманово 2009 и кон градот Куманово, принудени сме да ги одложиме следните натпревари што тимот треба да ги одигра до 25 ноември, откако не добивме официјален одговор по писмото што го испративме на 1 ноември. КК Куманово константно не успеваше да ги спроведе регулативите за натпреварувањето во БИБЛ за сезоната 2021/22, не комуницира соодветно и навремено со менаџментот на лигата, официјалните лица, на ги исполнува протоколите за домашни натпревари… Откако за ситуацијата комунициравме и со Генералниот секретар на КФСМ,Влатко Георгиевски, донесов одлука привремено да ги откажам веќе закажаните натпревари за наредниот период. Нов рок за комуникација и поправање на сите горенаведени проблеми е 25 ноември. Доколку тоа биде направено, дополнително ќе бидат утврдени термините за одложените натпревари со Балкан и со Левски“, се вели во писмото на Шај Стрикс, првиот човек на БИБЛ-лигата.

Се вчитува...