Проблеми пред Грција: По Стоилов, отпадна уште еден играч, „виси“ и Велко Маркоски

Селекторот Данило Брестовац се соочува со сериозни проблеми во пресрет на последниот натпревар од овие квалификации против Грција. Дејан Манасков не играше ниту во Турција, а по враќањето во Скопје пивотот Стојанче Стоилов заминува на операција, па нема да настапи во Струмица. Згора на тоа, поради повреда заработена на вчерашниот меч од комбинација отпаѓа и искусниот Кукоски, а одбраната би можела да биде уште повеќе ослабена доколку се реализираат најавите дека и Велко Маркоски нема да може да настапи на неделниот меч со јужниот сосед.

„Игравме со многу осцилации, но мора да се земат во предвид проблемите со кои се соочивме. Велко Маркоски имаше мал потрес на мозокот, па во второто полувреме воопшто не го користевме, а одбраната ни беше дополнително ослабена поради повредата на Кукоски. Првите информации што ги имам од лекарскиот тим велат дека Кукоски нема да може да ни помогне против Грција, додека за Маркоски ќе треба да ги почекаме резултатите од лекарските прегледи што ќе бидат извршени врз него во текот на денешниот ден“ – изјави селекторот Данило Брестовац.

Македонските ракометари денеска ќе одржат еден тренинг во Скопје, по што утре патуваат за Струмица, каде в недела ќе ги одмерат силите со Грција, во обид да му се реваншираат на јужниот сосед за изненадувачкиот пораз во Кожани.

Се вчитува...