Продолжува аеродромската рапсодија – блесок и против Академија ФМП

МЗТ Скопје доминатната изведба од АБА2 турнирот во Сараево ја преслика и на домашно тло па славеше со убедливи 96-70 над Академија ФМП во 11. коло од Првата лига. Аеродромци доминираа од почетокот до крајот на мечот, реализираа со 58 отсто во обидите за два и 45 во обидите за три, ја добија и скок играта (42-24) и сосема заслужено стигнаа до деветтата победа.

„Штрковите“ го отворија натпреварот со речиси перфектна реализација од поле која донесе двоцифрена предност по нецели пет минути игра (18-7), меѓутоа „академиците“ набргу ги консолидираа своите редови, заиграа далеку подобро благодарение на бековкста линија и ја намалија негативата на 22-18 по првата четвртина. МЗТ Скопје успеа да го неутрализира добриот ритам на Академија ФМП во продолжението од првото полувреме во кое прво ја врати комотната предност, а потоа со висока реализација во рекетот и серијата на тројки на Крстевски, Дејвис и Стојановски „побегна“ на +15 (52-37).

Високата реализација продолжи да биде адут на МЗТ Скопје и во второто полувреме. Аеродромци доминираа во рекетот, реализираа успешно и зад линијата 6,75 па од минута во минута ја зголемуваа предноста кој по истекот на 30. минути изнесуваше 78-56 со што беа решени дилемите за победник на денешниот меч. Последните десет минути беа само формалност во кои шанса во двата добија сите играчи од клупата, а „сино-белите“ беа блиску до надминување на границата од сто постигнати поени.

Дамајн Стојановски беше првото име кај „шткровите“ со 17 поени, 5 скока и 4 асистенции, Дејвис додаде 16 поени и 4 скока, додека со по 15 поени мечот го завршија Мекиќ и Крстевски на кои бекот додаде и 6 скока и 6 асистенции, а крилниот центар 5 скока. Бре Ајви беше лидер на „академиците“ со 22 поени и 4 скока, а него го следеа Стефан Крстајиќ со 17 поени и Лука Стојановски со 14.

Се вчитува...