„Проклетството“ урнато: Прва радост за Работник во ЛШ

Ракометарите на Работник ја остварија првата победа во клупската историја во Лигата на шампионите, откако славеа на дуелот со Кокс со минимални 31-30. По трите порази од по еден гол разлика во првите три кола, „симболично“ беше и првиот триумф да е минимален. Битолчани заслужија и порано да го решат победникот, пред се со беспрекорното прво полувреме во кое имаа предност од четири гола, но најважно е сепак што ги прокнижија првите бодови во елитното европско натпреварување.

Остроушко го постигна првиот гол на мечот, а Кокс набрзина поведе со 1-2. Тоа беше и последно водство на Финците, откако Работник ја презеде контролата и набрзина стигна до предност од  8-4. По тајмаутот на гостинскиот тренер следеа два гола на Кокс во празна мрежа, гостите за момент се вратија, а при резултат 13-11 имаа и неколку шанси да дојдат на само еден гол разлика. Во вистински момент погоди Филип Чурлевски за 14-11, а истиот ракометар со нов погодок стави печат на полувремето, па на одмор се замина со водство на македонскиот вицепрвак од 17-13.

Почетокот на второто полувреме ги исфрли на површина старите болки за „фармацевтите“, кои она што го градеа во првите 30 минути експресно го „распродадоа“ за три пати пократок период. Кокс лесно наоѓаше начин да го матира Митревски, па во 40. Минута финскиот првак израмни на 20-20, принудувајќи го Алушовски на тајмаут. Остроушко ја презеде одговорноста во нападот, постигна два гола, но по неговиот промашен пенал и погодокот на Кокс со играч помалку, гостите стигнаа до предност од 23-24.

Алушовски го уфрли Трајковски на голот на местото на Митревски, но финскиот првак продолжи со ефикасна игра. Ојлески одговори со два погодоци, по што Петровски со гол од контранапад го донесе Работник во водство од 27-26, резултат со кој се влезе во последните десет минути од натпреварот. По две успешни акции преку пивот (едната завршена со пенал на Ојлески) македонскиот претставник поведе со два гола (29-27), но веќе во следната акција исклучување заработи Куковски. Кокс го искористи тоа и набрзина израмни, по што мечот влезе во суперинтересен финиш.

Чурлевски непотребно тргна во соло-акција при водство од 30-29, направи пробивање, па Кокс израмни на 30-30 на помалку од две минути до крајот, при што Алушовски го зеде последниот тајмаут. Се одигра акција на Граџан, пивотот изнуди пенал, а Ојлески биеше прецизно за 31-30. Кок тргна во последниот напад со „седум на шест“, но Митревски го одбрани последниот шут, за прва победа на Работник во Лигата на шампионите.

Остроушко постигна осум, Ојлески пет, а Граџан четири гола за битолчани, за кои оваа победа ќе биде од големо значење за зголемување на самодовербата пред новите предизвици во Лигата на шампионите.

Се вчитува...