Пролет до голем бод во Кавадарци, „пелистерци“ лесно до триумф

Тиквеш и Пролет ремизираа 24-24 во дерби дуелот од петтото или во групата Б од ракометната Супер-лига на Македонија. Кавадарчани имаа контрола во поголемиот дел од натпреварот, на одмор заминаа со водство од 14-12, но Пролет успеа да се врати во вториот дел. Иван Џонов постигна неколку клучни погодоци во серија, скопјани стигнаа до 24-24 и имаа два напади за победа, но овој драматичен меч на крајот заврши со поделба на бодовите.

Десното крило Мартин Димовски беше најефикасен кај Тиквеш со осум погодоци, шест постигна Стефановиќ, додека кај Пролет први стрелци на дуелот во Кавадарци беа капитенот Андоновски со шест и Аларов и Палевски со по пет погодоци.

Еурофарм Пелистер очекувано лесно и убедливо славеше на гостувањето против Јуниор Кисела Вода со 25-38. Беспрекорната одбрана на битолчани им дозволи на домаќините само девет гола во првиот дел (9-18), а кога триумфот веќе беше осигуран дојде до опуштање кај фаворитот, па овој дуел заврши со 13 гола предност за актуелниот вицепрвак. Ненад Костески со десет гола беше главна фигура на овој дуел, додека Павле Атанасијевиќ постигнаседум погодоци за победничкиот тим.

Тимот на Г.А. во драматичен натпревар славеше на гостувањето против Радовиш со 22-23. Гошевски со шест гола беше најефикасен во победничката екипа, воедно и го постигна голот за триумф во 58. минута од натпреварот.

Бутел потешко од очекувањата го скрши отпорот на Куманово, меч што фаворитот го доби со 32-28. „Бутелци“ на полувреме заминаа со само два гола предност (16-14), во вториот дел поведоа и со плус шест (24-18, 25-19), за на крајот да слават со четири гола позитива.

Се вчитува...