Пролет е „три од три“ во Супер-лигата, Прилеп совладан со едно фуриозно полувреме

Ракометарите на Пролет остануваат со стопроцентен ефект на стартот од сезоната откако во третото коло стигнаа до третата победа, славејќи со 31-28 над составот на Прилеп. Како клучно се покажа извонредното прво полувреме во кое Пролет имаше „плус десет“, предност што гостите успеаја да ја истопат, но не и да направат целосен камбек на овој натпревар.

Пролет почна фуриозно, од самиот почеток благодарение на цврстата одбрана успеа да се одлепи, па по раното водство од 7-2 гостинскиот тренер Кузмановски беше принуден да побара тајмаут. Неговите совети не го запреа налетот на домашните ракометари, кои продолжија да доминираат, па со голот од контранапад на пивотот Аларов поведоа со 15-5. И нападот и одбраната на Пролет во ова прво полувреме функционираше беспрекорно, па избраниците на Доне Бошковски на одмор заминаа со водство од 19-9, по промашениот пенал на Палевски пред звукот на сирената.

Второто полувреме донесе далеку подобро издание на гостите од Прилеп, пред се благодарение на голманот Иван Ангелески. Тој за дваесетина минути собра десет интервенции, помагајќи негативата на „црно-жолтите“ од десет да се спушти на само четири гола разлика. Одбраната на Пролет веќе не делуваше така цврсто по црвениот картон (по три исклучувања) на Пецаковски. Сепак, домаќините имаа доволно искуство и квалитет за да не дозволат целосен камбек на противникот. Во завршницата во ритам влезе и десното крило на домаќините, младиот Виктор Додевски, кој со три гола стави печат на победата, изразена со конечни 31-28.

Палевски со осум и Аларов со седум погодоци беа најефикасни во таборот на Тинекс Пролет, а по три погодоци реализираа Додевски, Андоновски и Голубовиќ. Прв стрелец на Прилеп беше Шокоски со осум постигнати гола.

Се вчитува...