Пролет го растури Тиквеш, прилепчани ја добија драмата во Неготино

Ракометарите на Пролет се зацврстија на второто место во својата група од Супер-лигата, откако во денешниот дерби дуел го декласираа Тиквеш со 24-19. Избраниците на Данило Брестовац допатуваа во Скопје со надеж за изненадување, но налетаа на извонредно мотивиран противник, кој од почеток до крај го диктираше темпото и заслужено стигна до нови значајни суперлигашки бодови.

Пролет одлично го отвори дуелот, експресно поведувајќи со 3-0, два од трите гола постигнувајќи ги во празна мрежа по раното исклучување на Петровиќ. Тиквеш само за момент успеа да се приближи на еден гол негатива, но домашниот состав беше поквалитетен, знаеше како резултатски да се одлепи користејќи ја предноста од двајца играчи повеќе во еден момент од полувремето, по што на одмор замина со водство од 13-9.

Голманот Михаљевиќ блесна на голот на Пролет со две извонредни интервенции на стартот од второто полувреме, откажувајќи ги гостите од надежите за камбек. Пецаковски од пенал го донесе првото водство од плус шест за Пролет (15-9), а Аларов стрелаше прецизно во 42. минута за „плус седум“ за домаќините (18-11). Брестовац беше принуден да побара тајмаут на половина од второто полувреме, при 19-12 за противникот, но ситуацијата не се промени, Пролет во еден момент имаше и девет гола предност, за домаќините на крајот да слават со конечни 24-19, по опуштањето во нивниот табор во завршните пет минути.

Михаил Аларов беше одличен во нападот постигнувајќи шест погодоци, Иван Џонов беше пет пати прецизен, додека Јагуриновски и Пецаковски го завршија мечот со по четири постигнати гола за Пролет.

Прилеп како гостин го совлада тимот на Вардар Неготино со минимални 28-29. Прилепчани имаа „плус шест“ во првото полувреме, во вториот дел имаа предност од четири гола, но Вардар успеа да се врати, во самиот финиш имаше и напад за израмнување, но гостите сепак стигнаа до цел плен на овој натпревар. Шокоски со девет и Бикоски со седум погодоци ги предводеа стрелците на победничкиот тим, додека најефикасен во таборот на Вардар Неготино беше Кузманв со шест постигнати гола.

Се вчитува...