Пролет ја доби скопската битка, Бутел едвај постигна 18 гола

Пролет ја забележа првата победа во ракометниот плејоф откако вечерва по голема битка славеше над градскиот ривал Бутел со 20-18. Клучна беше извонредната одбрана на домашниот тим, пред се на почетокот од второто полувреме во кое избраниците на Александар Јовиќ успеаја резултатски да се одлепат, а потоа и да го одржуваат водството до самиот крај, претворајќи го во заслужен триумф. „Бутелци“ се мачеа да го најдат патот до мрежата на Михаљевиќ, два од вкупните 18 погодоци постигнувајќи ги во последната минута кога победникот веќе беше решен.

Бутел на стартот есно го наоѓаше патот до мрежата на Тинекс Пролет на почеток, по три минути игра поведувајќи со 1-3. Избраниците на Александар Јовиќ експресно се разбудија, па само неколку минути подоцна со голот на Василевски го израмнија резултатот на 3-3. Бутел со два седмерца поведе со 3-5, а при овој резултат беше досуден и трет пенал во нзиа за гостите, што голманот Михаљевиќ успеа да го запре.Во овој период домаќините имаа и ракометар помалку, но и во таква ситуација не дозволија Бутел дополнително да се одлепи, напротив преку Василевски во 18. минута израмнија на 6-6. До крајот на полувремето се играше израмнето, а на одмор се замина со 8-8 откако гостите не реализираа пенал во последната секунда, откако судиите во краток период доделија две исклучувања на Пролет, најпрвин на Пецаковски, а потоа и на капитенот Ласко Андоновски.

Иако со двајца ракометари помалку, Тинекс Пролет го реализираше првиот напад во второто полувреме и преку Димов поведе со 9-8. Бутел не искористи напад со двајца играчи повеќе, Василевски погоди за 10-8, по што судиите им подарија нов напад на гостите по очигледно пробивање. Тоа само уште повеќе ги мотивираше нашите ракометари да продолжат со одлична игра, со петтиот гол на Василевски набрзина да поведат со 12-8 и да го принудат гостинскиот тренер Кузманоски на тајмаут по само пет минути игра во второто полувреме. Бутел првиот гол во вториот дел го постигна дури во 38. минута, намалувајќи на 12-9, но гостите во првите 12 минути од второто полувреме останаа само на тој еден гол.

Јовиќ побара тајмаут при водство на Пролет од 13-10, по што Андоновски одигра капитенски и постигна три гола во низа. Гостите успеаја да се приближат на два гола негатива (17-15), но Пролет не дозволи неизвесен финиш, контролирајќи го резултатот до самиот крај, па „бутелци“ со два гола во псоледната минута можеа само да го ублажат поразот, не и да го избегнат неуспехот на оваа средба.

Андоновски и Василевски беа најефикасни во победничкиот тим со по шест гола, додека четири постигна Мартин Димов. Во таборот на Бутел најдобри поединци на денешниот меч беа Николов со шест и Спасовски со пет погодоци.

Се вчитува...