Пролет ја доби скопската битка со Бутел

Пролет се врати на победнички патеки во ракометниот плејоф откако по голема битка триумфираше над екипата на Бутел со 22-21. Домаќините цел меч го контролираа резултатот, „бутелци“ упорно се враќаа и не се предадоа до самиот крај, но Пролет сепак се радуваше на триумф над скопскиот ривал.

Ракометарите на Пролет одлично го стартуваа мечот, цврстата одбрана на чело со голманот Петар Ангелов функционираше беспрекорно, па домаќините успеаја резултатски да се одлепат и од 2-2 стигнаа до водство од 6-2. Бутел се мачеше во првите дваесет минути постигнувајќи само три гола (7-3), но ситуацијата се промени по второто исклучување на Пејовиќ. Гостите го пронајдоа посакуваниот ритам во нападот, набрзина ја стопија негативата и на одмор заминаа со нерешени 10-10, откако Бутел промаши и шут за водство во последните секунди од полувремето.

Пролет сепак успеа да се консолидира на паузата, па избраниците на тренерот Матлиески повторно блеснаа на стартот од вториот дел. Ангелов одбрани неколку тешки удари, но и „бутелци“ се почесто целосно го промашуваа неговиот гол (еден нереализиран пенал), што придонесе Пролет да поведе со 17-13 на половина од второто полувреме. Ангелов влесна запирајќи уште еден седмерец при 18-14, на спротивната страна Пецаковски беше сигурен при ударите од седум метри за домаќините, по што Пролет рутински го контролираше резултатот. Гостите се приближија на „минус два“, но Пејовиќ го постигна клучниот погодок за 22-19 на две минути до крајот, притоа изнудувајќи и исклучување. Бутелци покажаа карактер, со фантастичен цепелин се приближија на 22-21 на дваесет секунди до крајот. Сепак, Пролет го потроши времето до крај, за трета победа во плејофот за овој скопски суперлигаш.

Се вчитува...