Пролет лесно го реши Јуниор КВ

Пролет експресно се врати на триумфални патеки во Супер-лигата, откако славеше над Јуниор Кисела Вода со резултат 32-21 за своја трета победа во четвртото коло од елитното македонско ракометно друштво. Разочарувачкото реми со Радовиш беше оставено зад себе, избраниците на Лембанов одиграа одличен меч и заслужено стигнаа до првиот двоцифрен триумф сезонава.

Натпреварот почна со едноминутно молчење во чест на прерано починатиот Андон Бошковски, поранешниот тренер на Пролет, кој неочекувано почина во текот на вчерашниот ден. Од самиот почеток стана јасно дека ракометарите на Пролет се максимално фокусирани и нема да дозволат опуштање како она во минатото коло во Радовиш. Уште во раната фаза од дуелот домашниот состав поведе со 5-1, a гостинскиот тренер Котевски при резултат 6-2 го побара првиот тајмаут на мечот. Раното удобно водство придонесе да дојде до мало опуштање во таборот на Тинекс Пролет, но тренерот Лембанов веднаш побара тајмаут при водство од 10-7.

Оваа минута одмор ги разбуди домашните играчи, кои влегоа во одличен ритам и повторно се одлепија, постигнувајќи пет гола во низа од кои еднаш прецизен беше и голманот Михаљевиќ, кој биеше од својот шестерец во празната мрежа на гостите. Јуниор Кисела Вода конечно наjде начин да ја прекине серијата на домаќините, но Пролет веќе создаде одлична предност и на одмор замина со водство од 16-10. Второто полувреме почна со два брзи гола на домаќините за предност од 18-10, за кон средината на полувремето да се стигне и до првото двоцифено водство, откако Тотиќ даде два брзи гола од контранапади за 25-15. Лембанов им даде шанса на помладите ракометари, но тоа не се одрази на конечниот резултат, па Тинекс Пролет го доби овој меч со убедливи 11 гола предност.

Михаел Тотиќ со седум гола одигра одличен меч, исто толку постигнаа и Џонов и Јагуриновски, додека четири погодоци реализираше Димов, а три пати прецизен беше Василевски. Во таборот на Јуниор Кисела Вода најефикасни беа Митровиќ и Симоноски со по пет погодоци.

Се вчитува...