Пролет не дозволи ново изненадување на Радовиш, Бутел сигурен со Струга

Ракометарите на Пролет не дозволија ново изненадување против Радовиш откако на првиот натпревар сезонава одигран, радовишани успеаја да стигнат до реми против големиот фаворит 27-27. Тимот од скопската населба овојпат без поголеми проблеми славеше на домашен терен со 34-29 во натпревар од 10. коло во Б групата во ракометната Суперлига на Македонија.

Гостите од Радовиш успеаја да се држат против фаворитот се до резултат 5-4, по што следеше серија на домашниот тим кој во еден момент стигна и до плус пет 16-11. Пред крајот на првите 30 минути следеше мало опуштање кај избраниците на Лембанов, па на пауза заминаа со позитива од само три гола 19-16. Во вториот дел радовишани успеаја да парираат само до резултат 23-21. Во последните 15 минути следеше голем пад, па на крајот Пролет стигна до лесен триумф од 34-29. Михаил Аларов со шест погодоци беше најдобар поединец кај победникот, додека кај поразените недоволни беа деветте гола на Јакша Вештица.

Без проблеми поминаа и ракометарите на Бутел кои славеа на гостувањето кај Струга со 19-27. Гостите од скопската населба уште во првото полувреме ги разрешија дилемите околу победникот бидејќи на пауза заминаа со големи плус осум 8-16.

Во второто полувреме домаќините заиграа подобро и во еден момент успеаја да стигнат до негатива од три гола 16-19, но тоа беше се што направија во мечот. До крајот гостите го исконтролираа резултатот за конечни 19-27. Марко Мајиќ со девет гола беше прво име во таборот на победникот, додека кај Струга со пет гола заврши Петар Бугариновиќ.

Се вчитува...