Пролет не го дава третото место во плејофот

Ракометарите на Пролет рутински славеа на натпреварот против Струга (27-21), четврта победа во седумте одиграни кола со што скопскиот суперлигаш се зацврсти на третото место на табелата, во борбата за излез во ракометна Европа. Матлиески и на овој меч не можеше да смета на стартниот десен бек Потиќ, но и во отсуство на српскиот интернационалец лесно го скрши отпорот на стружани.

Стружани одиграа ефикасно во нападот во првите петнаесетина минути, кога со леснотија го наоѓаа патот до мрежата на Ангелов, одржувајќи целосна резултатска неизвесност (7-7). Одбраната на Пролет конечно профункционира, беа постигнати неколку голови од контранапад преку Палевски, поведувајќи со 12-9. Струга со два гола се приближи со 12-11, но домаќините беа подобри во финишот од полувремето и на одмор заминаа со водство од 16-13.

Печат на победата беше ставен на почетокот од второто полувреме, кога Пролет набрзина поведе со плус пет, а на половина од полувремето домаќините имаа и шест гола предност (24-18). Матлиески во завршницата одмори дел од стартерите, во последните петнаесет минути на голот на домашниот состав застана Јане Цветковски, кој одбрани неколку зицери на гостите, придонесувајќи разликата да се искачи на осум гола (27-19). Опуштањето во редовите на домашниот тим откако победата беше осигурана им овозможи на гостите да го ублажат поразот, до конечните 27-21.

Давор Палевски беше во главна улога на овој натпревар постигнувајќи 11 погодоци, пет гола за Пролет постигна Пејовиќ, а четири Аларов. Јанкуловски и Ракочија беа најефикасни кај Струга со по четири гола.

Се вчитува...