Пролет се врати од „минус пет“, па Тиквеш спасуваше бод во Кавадарци

Тиквеш и Пролет одиграа суперинтересен натпревар во последното овогодишно суперлигашко коло,  ремизирајќи 25-25 во дуел на двете екипи кои се борат за влез во плејофот. Пролет се мачи во последниот месец, но гостите од Скопје овојпат покажаа карактер, се вратија од пет гола негатива и во последната минута беа поблиску до победата. Тиквеш постигна два гола во последните 60 секунди и стигна до бод, заслужен за избраниците на тренерот Андоноски,кои долго време го контролираа резултатот, но не можеа да најдат лек за одбраната на Пролет во завршницата.

Гостите поведоа со 0-2 благодарение на двата гола на капитенот Ласко Андоновски, но Тиквеш набрзина се врати и стигна до предност од 3-2. Андоновски беше единствениот расположен за игра во нападот на Пролет, тој со голови и асистенции одржуваше неизвесност во првата половина од првото полувреме, по што Тиквеш почна резултатски да се одлепува. Предводени од Симиќ, домашните ракометари почнаа да го зголемуваат водството, па гостинскиот тренер при резултат 13-10 го зеде и првиот тајмаут на натпреварот. Гостите го променија и голманот, Петковски го замени Јане Цветковски, но неколкуте промашени шутеви на избраниците на Лембанов (и престапот на Димов во последните секунди) придонесоа на полувреме да се замине до убедливо водство на Тиквеш од 16-12.

Тиквеш поведе со 17-12 на самиот стартот од вториот дел, но Пролет заигра подобро во продолжението, најпрвин намали на 17-15, а потоа со ефикасна игра во нападот се приближи на само еден гол разлика (20-19), принудувајќи го домашниот стратег Андоновски на тајмаут. Советите вродија со плод, Тиквеш експресно поведе со 23-19, но гостите од Скопје повторно се вратија. Пролет се приближи на 23-21, резултат при кој скопјани не реализираа пенал преку Палевски, кој беше запрен од резервниот голман Велков.

Палевски беше прецизен во следната акција, кога рутински стрелаше во празна мрежа, намалувајќи на 23-22 на седум минути до крајот. Една минута подоцна прецизен беше и Голубовиќ, кој реализираше од десен бек за 23-23, за нов тајмаут на тренерот на Тиквеш. Одличната одбрана на гостите им создаде многу проблеми на кавадарчани, кои десетина минути не постигнаа гол, па Аларов на спротивната страна погоди за водство на Пролет од 23-24.

Гостите промашија и напад за „плус два“, по што  последните 90 секунди од мечот ги одиграа со ракометар помалку по исклучувањето на Џонов. Тиквеш го искористи тоа за конечно да постигне гол преку крилото Темелковски, за 24-24 на една минута до крајот. Димов во драматичната завршница реализираше за 24-25, но Тиквеш веднаш возврати преку Симиќ, за во последната акција на домаќините црвен кртон да заработи Пејовиќ поради груб старт врз Јанчев. Последните десетина секунди минаа без шут кон противничкиот гол, па овој драматичен дуел заврши 25-25.

Се вчитува...