Пролет во трилер-завршница го совлада Охрид

Екипата на Пролет славеше со 25-24 над Охрид, зацврстувајќи се на третото место на табелата со бодови против директниот ривал во борбата за висок пласман. Мечот беше максимално израмнет во поголемиот дел,за домаќините во последните десетина минути да се одлепат и на крајот да стигнат до минимална победа.

Од самиот почеток стана очигледно дека одбраните ќе го имаат главниот збор и на овој дуел меѓу незгодните ривали. Пролет успеа да поведе со 5-3, но во серија одбрани влезе гостинскиот голман Брауновиќ, Пецаковски имаше и промашен пенал, по што охриѓани се вратија во мечот. Гостинскиот тренер Раде Стојановиќ се реши за тактика без класичен десен бек, а младиот Додиќ умешно се снаоѓаше со акциите кон средината на домашната зона, постигнувајќи неколку лесни голови. Охрид за момент поведе пред крајот на полувремето со 10-11, но Аларов погоди во 30. минута и на одмор се замина со израмнети 11-11.

Израмнетата битка продолжи и во вториот дел, а домашниот тренер Бошковски при резултаст 12-13 во 36. минута го уфрли Јане Цветковски на местото на младиот Петковски, кој немаше свој ден. Десетина минути се играше „гол за гол“, пред Стојановиќ во 44. минута да побара тајмаут при резултат 17-16 за Тинекс Пролет. Советите не дадоа преголем плод, охриѓани влегоа во серија грешки, а Пролет со голот на капитенот Андоновски во 48.минута поведе со 20-17.

Охриѓани не се предадоа, па на девет минути до крајот намалија на само еден гол разлика (21-20). Гостите промашија и напад за израмнување, по што Пецаковски реализираше искусно на спротивната страна и ја врати предноста на Пролет на два гола (22-20). Голубовиќ постигна значаен погодок за 24-22, на спротивната страна гостите ја загубија топката при обид за додавање на пивот, па Стојановиќ при „минус два“ за неговиот тим го побара последниот тајмаут на 107 секунди до крајот.

Петковски, кој се врати пред крајот на мечот, имаше клучна одбрана, но Пролет почетнички ја загуби топката, потоа прими наивен гол и во последната минута се влезе со„плус еден“ и напад за домаќините. Бошковски побара тајмаут, а Пецаковски биеше маестрално и со помош на дирекот погоди за 25-23. Охриѓани набрзина реализираа и изнудија исклучување, но Пролет успеа да ја задржи топката до самиот крај и да триумфира со 25-24.

Се вчитува...