Пролет за десет минути го скрши отпорот на Радовиш

Пролет експресно се врати на победнички патеки во Супер-лигата по поразот од шампионот Вардар откако скопскиот клуб вечерва славеше над Радовиш со убедливи 30-23. „Фенерџијата“ на табелата немаше никакви шанси за изненадување, домашните ракометари од самиот почеток наметнаа темпо што радовишани не можеа да го следат, практично решавајќи го прашањето на победникот за само десетина минути игра.

Пролет тргна фуриозно, па само по десет минути предводен од Аларов и од Палевски веќе стигна до убедливи 10-3. Сите дилеми околу победникот беа решени уште во првото полувреме што домаќините го добија со 18-13, по што тренерот Лембанов реши во вториот дел да ги одмори клучните играчи за претстојниот дерби дуел со Охрид, решавачки меч за пласман во плејофот. Пролет и со втор тим лесно го контролираше резултатот, зголемувајќи го водството до „плус осум“ (24-16, 25-17), Радовиш во самиот финиш намали на пет разлика, за овој дуел на крајот да заврши со седум гола предност за Пролет, конечни 30-23.

Палевски со осум гола беше најефикасен во победничкиот тим, четири погодоци постигна десното крило Димов, додека прв стрелец на Радовиш беше Кристијан Ристов со шест гола.

Се вчитува...