Промена на планот: Ракометната Супер-лига да заврши до 1 ноември

Ракометната Супер-лига ќе стартува во најавениот термин на 12 септември, но се најавува дека ќе дојде до промена на планот во распоредот на натпреварување, се со цел лигата да заврши што побрзо. Конкретно, стравувањата за нов бран на коронавирус кон крајот на годинава придонесоа РФМ да настојува првиот дел од натпреварувањето да финишира до почетокот на месец ноември.

Поради ова, раководните луѓе веќе ги контактираат претставниците на клубовите, барајќи едногласно да биде дозволено да дојде до промена на календарот. Во Супер-лигата се натпреваруваат 16 екипи поделени во две групи. Во овој дел од натпреварувањето ќе се играат 14 кола, а пресметано е дека може да се финишира сезоната во посакуваниот термин доколку се играат по две средби неделно. Планот е натпреварите да бидат закажувани во петок и во понеделник. Притоа, секој четврток би биле правени Covid-тестови врз ракометарите, а според првичните најави трошоците ќе ги покрие Ракометната Федерација на Македонија.

Се очекува клубовите да дадат зелено светло за овој предлог, се со цел да се спречи прекин, за што постои сериозна опасност доколку се остане на првиот календар да се игра до декември, а во меѓувреме бидат забранети спортски настани.

Според пропозициите, најдобрите три екипи од двете групи во Супер-лигата потоа би играле во плејофот заедно со Вардар и со Пелистер. Терминот за финишот на сезоната би бил дополнително утврден, во зависност од ситуацијата со коронавирусот на територијата на Македонија.

Се вчитува...