Промени во мак-баскетот: Се укинува Супер-лигата, ќе нема ниту испаѓање од елитата?!

Хаосот што трае цела сезона со термини и одложени натпревари во македонското кошаркарско првенство ќе придонесе да дојде и до радикално – решение, укинување на Супер-лигата и преоѓање директно на плеј-оф завршница во која ќе учествуваат најдобрите осум екипи од Првата лига на Македонија. Ова ќе биде главната тема на разговор на денешниот состанок на челниците на федерацијата со претставниците на клубовите, на кој ќе бидат претставени предлозите на „куќата на кошарката“ за завршницата на оваа сезона.

Проблемот е и повеќе од јасен, на крајот од месец март тимови како Пелистер, ФМП и Кожув имаат само по три меча до крајот на прволигашката сезона, додека АБА-лигашите МЗТ Скопје и Работнички имаат да одиграат дури по 11 натпревари. Во една ваква ситуација невозможно е временски да се сочека „вечните“ да ја финишираат прволигашката сезона, па да се одиграат нови десет суперлигашки кола, па да се премине на плејоф што исто така би траел најмалку дваесетина дена.

Поради ова, идејата на федерацијата е воопшто да нема Супер-лига и веднаш да се пристапи кон плејоф, оставајќи им простор со тоа на најбогатите клубови со уште едно до две скапи засилувања (а станува збор за две до три плати) да се вивнат на самиот врв на листата на фаворити за тиулата. Според овој план, плејофот би почнал во првата половина од месец мај, а претходно би се одржал и завршниот турнир од Купот на Македонија.

Воедно, неофицијално дознаваме дека план на раководството е и втора година по ред да нема испаѓање од елитното друштво. Останува да се види дали тоа ќе значи ново проширување на Првата лига, од која и лани немаше испаѓање поради корона-кризата, а доколку тоа се случи и годинава бројот на екипи би се зголемил од 12 на 14.

Се вчитува...