Чаби Алонсо се надева дека управата на Челси ќе му донесе барем еден од „пулените“ што ги имаше во Баер Леверкузен, но шансите за такво нешто се повеќе се намалуваат. Ливерпул експресно ја затвори вратата за продажба на Флоријан Вирц, а надежите дека Гранит Џака ќе му се приклучи на Алонсо на „Стемфорд бриџ“ исто така исчезнаа откако фудбалерот реши да остане во Сандерленд.
Минатата седмица беше објавено дека Џака имал позитивни разговори со Алонсо при што изразил подготвеност да потпише за Челси. Сепак, лондонскиот клуб понуди само осум милиони фунти, сума со која го навреди Сандерленд од самиот старт на преговорите. Втората рунда донесе зголемување на прескромни десет милиони, Сандерленд експресно одби, но сега навреден беше и швајцарскиот репрезентативец кој смета дека ваквата понуда е потценување на неговите квалитети.
По ваквиот развој на настаните, Џака ги известил челниците на Сандерленд дека нема да ги менува клупските бои, па и во следната сезона ќе биде дел од овој премиерлигаш.
За Челси пак ова е уште еден сериозен удар, во ситуација кога „сините“ се мачат да привлечат врвни засилувања откако не обезбедија излез во фудбалска Европа за наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
