Пропуштена првата жанса за плеј-оф карта: Десеткуваниот МЗТ Скопје не издржа до крај против Спарс

Десеткуваниот МЗТ Скопје не успеа да го завери своето место во плејофот на АБА2 лигата откако по голема борба, „сино-белите“ во првиот натпревар на последниот „балон“ на регионалното првенство загубија од Спарс на самиот крај на натпреварот со 76-68. Аеродромци и покрај отсуството на Магдевски, Гравет и Олуџоби одиграа одличен дефанзивен натпревар во кој го лимитираа противникот на 76 поени и го приморaa на 12 изгубени топки.

Проблемот во организација на нападот кај МЗТ Скопје беше видлив од самото отварање на натпреварот. „Сино-белите“ имаа проблеми да ја пробијат зоната на противникот, а секој промашен шут, составот од БиХ го користеше на спротивната страна. Добриот проток на топката на Спарс носеше и лесни поени под обрачот на составот од Аеродром па Спарс по 10. минути игра дојде до двоцифрена предност (23-13). МЗТ Скопје рано влезе во проблем со лични грешки, но тоа не го искористи сараевскиот состав. Избраниците на Радуловиќ во продолжението од првото полувреме најдоа решение за играта во одбрана во рекетот, преку агресивноста го нарушија и напаѓачкото темпо на противникот, а сето тоа го искористија преку поените зад линијата 6,75 каде во право светло блесна капитенот Стојановски. „Штковите“ ја вратија неизвеноста на мечот и на полувремето заминаа со резултат 35-35.

Изедначениот натпревар продолжи и на отварањето на второто полувреме во кое МЗТ Скопје го превзема водството. Одбраната на „сино-белите“ го намачи Спарс да го најде напаѓачкиот ритам, притоа Бојиќ одговори со добра игра под рекетот на противникот, но брзото исполнување на обрачот носеше лесни поени за составот од БиХ од линијата за слободни фралања преку кои во поголемиот дел од третата четвртина се одржуваше во резултатска неизвеноста. Сепак преку подобрата игра на крајот на четвртината, Спарс беше оној кој поведе со 55-51 пред одлучувачките десет минути, кои не донесоа голема промена на паркетот. Во играта „кош за кош“, двата тима не успеаја да направат значајна предност, a прв иницијативата ја превзема составот од Сараево кој преку продорите во рекетот на МЗТ Скопје стигнаа до предност од 70-62 на две минути пред крајот на средбата, а и покрај сите напори, избраниците на Радуловиќ не успеаја да се вратат во игра.

Дамјан Стојановски беше првото име кај македонскиот претставник со 20 поени и 5 скока, Андрија Бојиќ додаде 14 поени и 6 скока, додека како двоцифрени со по 11 поени, но и дабл-дабл учиноци мечот го завршија Бојан Крстевски и Френк Тарнер. Репрезентативецот додаде и 10 скока, додека Американецот натпреварот го заврши со 11 асистенции.

Се вчитува...