Проработе нападот – МЗТ Скопје ја совлада Војводина

МЗТ Скопје се зацврсти на второто место во АБА2-лигата откако на денешниот последен меч од турнирот во Бања Лука славеше над Војводина со резултат 83-75. „Металците“ одиграа далеку подобро во нападот отколку на претходните две средби, просекот од 21 загубена топка го намалија за една третина (денеска имаа „само“ 14), па заслужено триумфираа, за кревање на атмосферата во тимот пред завршниот турнир од Купот на Македонија.

Македонскиот првак се соочи со проблеми на стартот од натпреварот, па Војводина по само пет минути игра стигна до водство од 5-15. МЗТ Скопје одговори со сопствена серија од 8-0, враќајќи се експресно во мечот,  па српскиот состав ја доби стартната четвртина со минимални 22-23. Милошевиќ и Рикиќ донесоа водство на МЗТ на стартот од втората четвртина, по што избраниците на Радуловиќ почнаа да го контролираат резултатот, како и темпото на игра. „Металците“ беа подобар ривал пред крајот на полувремето, кога влегоа во нова серија, со тројката на Кари поведоа со „плус единаесет“ (50-39), за на одмор да заминат со осум поени предност (52-44).

Шутевите од далечина профункционираа во третиот период, тројки погоди Кари, Мекиќ и Војдан Стојановски, па МЗТ Скопје по 25 минути игра имаше водство од убедливи 65-51, предност што беше задржана до крајот на четвртината (72-57). Македонскиот шампион постигна само еден поен во првите четири минути од последниот период, што Војводина го искористи за да ја намали разликата на седум поени (73-66). Серијата на противникот ја прекина Рикиќ, одбраната на МЗТ заигра на вистинско ниво, по што Војдан Стојановски со нова тројка стави печат на победата, кревајќи ја позитивата на „плус тринаесет“ (79-66). Останатите три минути беа само рутина, Војводина ја спушти негативата под десет поени, но МЗТ Скопје лесно стигна до осмата регионална победа.

Рикиќ беше најефикасен во таборот на МЗТ со 18 поени, Милошевиќ оствари дабл-дабл од 15 поени и 14 скокови, а во одличен ритам влегува и Војдан Стојановски, кој на својот трет меч во дресот на аеродромци реализираше 15 поени, седум скока, четири асистенции и две украдени топки.

Се вчитува...