Прв ќе направи вакцина за коронавирус, а цела Германија го „плукаше“

Дитмар Хоп долги години е омразена личност во германскиот фудбал, поради начинот на кој газдата на Хофенхајм раководи со овој клуб, па сезонава навивачите на ривалските екипи прекинуваа и натпревари со истакнување на транспаренти на трибините против него. Сепак, германскиот милијардер е на добар пат да стане германски херој, откако беше обелоденето дека една од неговите најголеми компании “CureVac” e многу блиску до создавање на вакцина за коронавирусот. Интерес за купување на оваа вакција веднаш пројавил американскиот претседател Доналд Трамп, но Хоп експресно ја одбил неговата понуда.

„Ако сакаме да развиеме ефективна вакцина, мораме да бидеме солидарни луѓето, да ги заштитиме во овие тешки моменти. Размислуваме само на создавање, не и на продажба“, изјави Хоп.

Министерот за Економија на Германија, Петер Алтмајер, изјави дека нема никаква шанса вакцина откриена во оваа земја да биде продадена на САД.

„Ние сме горди на CureVac, на одличната работа на лекарите, но и на менаџментот на компанијата. Кога вакцината ќе биде создадена, ќе можеме да ја понудиме на целиот свет за да помогнеме во решавање на кризата. Германија не е за продажба“, порача Алтмајер.

Се вчитува...