Прв пораз на Пелистер во АБА2-лигата

Македонскиот вицепрвак Пелистер го претрпе првиот овосезонски пораз во АБА2-лигата, откако на својот премиерен меч на тунирот во Сараево загуби од Широки Бријег со резултат 73-83. „Пелистерци“ три четвртини целосно му парираа на квалитетниот противник, но падот на концентрацијата во последниот период беше пресуден за избраниците на Марјан Илиевски да не успеат да ја продолжат триумфалната серија во регионалното натпреварување.

Битолчани одлично го стартуваа натпреварот, постигнувајќи 16 поени за пет минути (16-8), но ситуацијата се промени по тајмаутот на противничкиот тренер по што следеше серија од осум поени на Широки и брзо израмнување на 16-16. До крајот на полувремето можеше да се проследи израмнета игра, по што на одмор се замина со минимално водство на „пелистерци“ од 50-48. Претставникот на БиХ прв влезе во серија во третата четвртина, поведе со осум поени, но „пелистерци“ се вратија и во последните десет минути се влезе со минимална предност на противникот од 60-58.

Четвртата четвртина мина во знакот на Широки Бријег, оваа екипа успеа резултатски да се одлепи, а потоа и да ја сочува предноста се до конечните 73-83.

Хаџифеџовиќ со 20 и Мустафица со 16 поени беа најефикасни кај Пелистер, во чии редови двоцифрени беа уште и КАрпентер со 11 и Караџовски со 10 постигнати поени.

Битолчани во следниот натпревар на турнирот во Сараево ќе се сретнат со Осијек, меч што е на програмата в петок со почеток во 18 часот.

Се вчитува...