Прв триумф за Милевски – Македонија го ‘наполни’ Лихтенштајн во Вадуц (ФОТО)

Македонската репрезентација запиша убедлива победа од 0-4 против Лихтенштајн во Вадуц во 7. коло од Групата Ј во квалификациите за СП 2022. Доминантната игра, за разлика од септемвриските дуели, сега беше заокружена и во офанзивата со четири гола иако според шансите можеше да биде и многу поубедлива.

Статиските показатели со вкупно 23 шутеви кон противничкиот гол од кои 14 во рамките на голот, два диреци и најмалку осум 100% шанси се повеќе од доволен показател што се случуваше на теренот на „Рајнпарк стадионот“ во Вадуц.

Во првото полувреме, ниту пет 100% шанси на офанзивците во тимот не беа доволно да се запишат во листата на стрелците, за да на крајот централниот дефанзивец Дарко Велковски погоди за водство во 39. минута, што ја навести македонската победа.

А, избраниците на Благоја Милевски кои доминираа во текот на целиот меч со шансите почнаа веќе во 2. минута. Одлична акција на Елмас и Чурлинов, но Трајковски од неколку метри пред голот на домашните не успеа да погоди. Во 12. минута по одличниот центаршут на Алиоски, Милан Ристовски со глава но сантиметри над голот на Лихтенштајн.

Потоа следеа убави обиди од 20 метри на Спировски и Чурлинов, и погодок на Елмас кој беше поништен затоа што пред гол-линијата топката ја зафати Трајковски кој беше во офсајд-позиција. Во 32. минута следи нова 100% шанса откако одлично по левата страна проби Адеми нафрли пред голот на Лихтенштајн каде на вториот дирек Чурлинов ја погодува гредата а топката од гол-линијата отседнува во рацете на домашниот голман.

Во 37. минута нова идеална шанса во која обидот на Елмас со глава завршува само сантиметри од дирекот од домашниот гол, за да конечно водство од 0-1 следи во 39. минута. По корнерот од левата страна, Дарко Велковски најпрво со глава го погодува дирекот, а потоа на вратената топка пред голот на Бухел одлично реагира од неколку метри за водство на полувремето од 0-1.

Второто полувреме почна со еднаква контрола на играта и напади на македонските репрезентативци, па во 56. минута првата шанса за Милан Ристовски но повторно не успеа да погоди. Во 59. минута Бухел повторно брани по обидот и на Трајковски.

И, во 65. минута пенал за Македонија. Мејер го собори Адеми во шеснаесетникот, но требаше ВАР-реакција за главниот судија да покаже на белата точка. А сигурен реализатор на пеналот Езгијан Алиоски за водство од 0-2 во 66. минута.

И, по неколкуте измени, Бобан Николов преку одлична соло-акција во 74. минута носи предност и од 0-3.

Во продолжението Македонија уште со серија можности, но Бухел спречи погодоци по обидите на Миовски во 76. минута и Николов во 80. минута. Но, не успеа да го спречи погодокот на Дарко Чурлинов во 84. минута за конечна убедлива победа од 0-4.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 – ГРУПА Ј (7. КОЛО)
ЛИХТЕНШТАЈН – МАКЕДОНИЈА 0-4 (0-1)
„Рајнпарк стадион“ во Вадуц. Стрелци: Велковски 39′, Алиоски 66′(п), Николов 74′, Чурлинов 84′ (М). Ж.картони: Волфингер, Кауфман (Л) – М. Ристовски (М).
ЛИХТЕНШТАЈН: Бухел, С. Волфингер, Малин, Кауфман, Хофер, Гопер, Селе (М. Бухел 76′), Волфингер, Хеслер, Фрик (46′ Мејер), А. Фрик
Селектор: Мартин Стокласа
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, С. Ристовски (76′ Ракип), Велковски (76′ Зајков), К. Ристевски, Алиоски (70′ Николов), Адеми (70′ Ашковски), Спировски, Елмас, Трајковски, Чурлинов, М. Ристовски (61′ Миовски)
Селектор: Благоја Милевски

Се вчитува...