ПРВА ЛИГА, 15. КОЛО: Може ли Струга Т.Л. да победи на неосвоивиот Чаир?

Седум победи од седум натпревари на домашен терен има тимот на Шкупи, и токму поради тоа ја има лидерската позиција на табелата. Екипата од Чаир е неприкосновена на својот стадион, пред својата публика, а сака продолжување на серијата и денеска.

Гостува тимот на Струга Трим Лум, екипа која што влезе во форма и тим кој што се надева дека ќе биде првиот непоразен од Чаир.

„Против Струга ќе биде тежок и важен натпревар. Уште потешко поради трагедијата на 23 ноември каде многу наши роднини ги загубија своите најблиски во трагичната несреќа во Бугарија. Ќе излеземе на терен да се бориме за трите бода и на нашите навивачи им ветуваме убав натпревар. Струга има добри и брзи играчи, но ние сме многу подобро подготвени и сакаме да останеме на првото место на табелата“, вели Фати Исмаили, стоперот на чаирчани.

Стружани на ова гостување влегуваат во серија од три меча без примен гол, или во серија од пет меча без пораз. Се надеваат дека ќе ја продолжат серијата и после денешниот дуел против Шкупи.

„Доаѓаме во Скопје после две победи по ред и самодовербата е на високо ниво. Се разбира ќе излеземе на терен и ќе одиме на три бода. Ние сакаме на секој меч да одиме на победа, и така ќе биде и денеска“, рече стоперот на гостите, Клисман Цаке.

Второ мини дерби денеска е дуелот меѓу Македонија ЃП и Шкендија. „Лавовите“ го пречекуваат првакот по серија на добри резултати откако го совладаа и лидерот Шкупи на свој терен. Ѓорчепетровци со Муарем Бајрами на клупата не знаат за пораз и се препородија, што придонесе за бегство од црвената зона на табелата.

Борец првиот триумф со новиот тренер Јане Николоски ќе го бара на тешкото гостување во Штип. Брегалница сезонава пројави амбиции за излез во Европа, а за такво нешто ќе му требаат бодови. Борец е шансата за такво нешто, на домашен терен пред своите навивачи штипјани ќе атакуваат на трите бода.

Во Кавадарци исто така интересен натпревар. Тиквеш кој се бори за својот опстанок го пречекува Работнички кој полека влегува во црвената зона на табелата по серијата на лоши резултати. Тренерската смена не донесе резултат на гостувањето во Струга, каде што „романтичарите“ беа поразени, па сега ќе сакаат да се вадат во Кавадарци.

Пелистер на свој терен го чека Скопје. „Пиратите“ се мали фаворити, со оглед дека битолчани и натаму ја чекаат првата победа и се „заковани“ на дното на табелата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ЕКИПА (@ekipa.mk)

Се вчитува...