ПРВА ЛИГА, 16. КОЛО: Работнички по прекин на лошата серија, но Ренова не им е идеален противник

После возбудувањата во Купот на Македонија и трите 1/4 финални дуели во средата, денеска и утре се враќаат возбудувањата во прволигашката конкуренција. Денеска се игра еден натпревар, а утре останатите пет.

Се чини дека денеска е и најинтересниот дуел, барем на хартија. Работнички игра на домашен терен против Ренова. „Романтичарите“ денеска ќе имаат можност да ја прекинат лошата серија од три натпревари без победа и без постигнат гол, но „гипсарите“ не им е идеален противник за такво нешто. Особено ако се има во предвид фактот дека Ренова важи за цврст, незгоден и противник кој што може во секој момент да победи секого.

Ниту Ренова не може да се пофали со сјајна форма во моментов. Тие имаат само една победа на последните пет натпревари, кога го совладаа Борец со 1:4 на гости. Имаат три порази од Шкупи, Шкнедија и Академија Пандев, и едно „реми“ со Скопје. Но, Ренова за разлика од Работнички е во горниот дел на табелата, и доколку сака таму да остане, мора да освојува бодови. Работнички, пак, сака да избега од долниот дел и да фати приклучок кон „мирни води“.

Утре се играат и останатите натпревари, во кои Академија Пандев на домашен терен е фаворит против Брегалница. Борец игра дома со Македонија ЃП, можеби и последна шанса за тренерот Јане Николоски да остане на клупата. Но, тој нема да ја води екипата поради здравствени проблеми. Интересно ќе биде во Автокоманда, каде што секогаш цврстиот тим на Скопје го дочекува лидерот Шкупи. Шкендија не би требало да има проблеми со Пелистер, додека Струга Трим Лум ќе треба да ја оправда улогата на фаворит против Тиквеш, во дуел во кој кавадарчани сакаат победа за бегство од опасната зона.

Се вчитува...