ПРВА ЛИГА, 16. КОЛО: Шкупи уште денеска може да стане есенски првак

Екипата на Шкупи денеска може да го обезбеди првото место на зимската пауза, ако успее да победи денеска на Автокоманда, а Академија Пандев загуби на домашен терен од Брегалница.

Шкупи моментално е лидер на табелата со четири поени предност од составот на Академија Пандев, а пред четата на Гоце Седлоски е тежок испит, со оглед дека на Автокоманда тешко играат противниците. И покрај тоа, чаирскиот тим важи за фаворит за трите бода, со кои би се доближил до епитетот есенски првак.

Академија Пандев на домашен терен го пречекува штипскиот тим. Тоа е воедно дерби на истокот, на два тима кои се наоѓаат во горниот дел од табелата. Брегалница игра добро оваа сезона, исто и Академија Пандев. „Академците“ доколку сакаат да останат во игра за титулата и за епитетот есенски првак, тогаш немаат право на грешка. Избраниците на Александар Васоски на домашен терен имаат пет победи, едно реми и еден пораз. Од друга страна, пак, штипјани имаат само една победа на гостински терен, и вкупно освоени пет бода.

Борец првата победа под водство на Јане Николоски ќе ја бара против Македонија ЃП. Можеби ова е последна шанса за Николоски да остане на клупата на велешани, иако се очекува денеска да не ја води екипата од здравствени причини. Македонија ЃП не е добра можност за победа, со оглед дека „лавовите“ играат одлично под водство на Муарем Бајрами. Го елиминираа Шкупи во Купот, а загубија само еден меч под водство на Бајрами.

Струга Трим Лум ќе бара шанса за искачување кон горниот дел на табелата со победа над Тиквеш, додека Шкендија не би требало да има проблеми во дуелот со Пелистер, кој е „закован“ на дното на табелата без ниту една победа.

Се вчитува...