ПРВА ЛИГА 18. КОЛО: Скопско дерби на „Арената“, лидерот гостува во Велес

Денеска се играат останатите пет натпревари во Првата лига, со кои ќе се комплетира есенскиот дел од сезоната. Последна шанса за прволигашите годинава да заминат помирни на зимска пауза, а потоа добро да се подготват за пролетниот дел од сезоната во кој Шкупи ќе се обиде да остане прв, додека ќе има конкуренција за титулата во Академија Пандев и Шкендија. Брегалница и Ренова, па и останатите ќе се борат за излез во Европа.

Најинтересно денеска се очекува да биде на „Арената“, каде што Работнички го пречекува составот на Македонија ЃП. „Романтичарите“, конечно, после четири меча се вратија на победите после триумфот во Штип, а Македонија ЃП, пак, со новиот тренер Муарем Бајрами игра одлично.

„Задоволен сум од играта и од резултатот во Штип. Остварен е важен триумф и сега сакаме да продолжиме во ист стил и на последното коло. Не е лесно да се преземе тим на сред сезона, но фудбалерите одлично ги прифатија новите идеи и стил на работа. Сега самодовербата е на многу повисоко ниво. Го респектираме тимот на Македонија ЃП, во одлична форма се, но ќе се обидеме да стигнеме до успех“, вели Борче Христов, стратегот на Работнички.

И тренерот на Македонија ЃП, Муарем Бајрами пред неколку дена во разговор за „ЕКИПА“ рече дека сака тимот триумфално да се заврши есента.

„За овие добри резултати во последно време се најзаслужни фудбалерите. Добро одиме, имаме тим спој на младост и искуство, и се надевам дека ќе продолжиме со добрите игри и резултати и на последниот меч со Работнички“, рече Бајрами.

Лидерот Шкупи гостува во Велес, кај Борец, кој што после долго време, стигна до победа во Битола. Ова ќе биде дуел на двајцата поранешни соиграчи во репрезентацијата Јане Николоски и Гоце Седлоски кои долго време играа заедно во националниот тим. Во далеку подобра форма е тимот на Седлоски кој веќе ја освои есенската круна, и гази во првенството, додека тимот на Николоски под негово водство ја оствари првата победа дури пред неколку дена.

Шкендија на свој терен сезонава е неприкосновена, и има само еден пораз од градскиот ривал. Тетовскиот тим беше блиску до триумф минатото коло со Шкупи, а сега дома сака да ја заврши победнички годинава против Скопје. Тимот од Автокоманда, пак, во неколку наврати покажа дека може да биде незгоден противник за било кој тим.

Интересно ќе биде и во Струга, каде што домашниот тим игра против Ренова. Двата тима играат добро во одбрана сезонава, примаат малку голови, играат тактички добро, па се очекува ново тактичко надмудрување на Османи и на Захариевски.

И за крај во Струмица, Академија Пандев не би требало да има проблем со „фенерџијата“ Пелистер. Битолчани и натаму чекаат на првиот триумф, но до него тешко дека ќе дојдат на овој дуел. „Академците“ сакаат да се извадат за оној пораз од Ѓорче Петров со 4-1, и да покажат дека тоа беше само лош ден. Пелистер, пак, ќе се обиде да направи голема сензација, но на овој тим веќе му се заканува испаѓање во Втора лига. Единствен спас е драстична промена во зимскиот преоден рок, нешто што мала е веројатноста дека ќе се случи.

Се вчитува...