ПРВА ЛИГА, 4. КОЛО: Шкендија го сака „скалпот“ на лидерот, Бесарт Ибраими против „своите“

Денеска од 16 часот се играат четири натпревари во Првата македонска фудбалска лига. Најинтересно ќе биде на дуелот помеѓу Шкендија и Струта ТЛ, односно битка за моментално двете најдобри екипи после првите три кола, екипи кои немаат пораз, а Струга ТЛ тргна фуриозно со три победи.

Дуелот се игра во Струмица, на фудбалската академија „Пандев“ поради тоа што се реконструира теренот во Тетово. Се очекува рововска битка на двете екипи кои атакуваат на победа, а интересен ќе биде фактот што Бесарт Ибраими првпат ќе игра против Шкендија, во која мина шест години и стана најдобар „бомбардер“ на екипата и во Првата лига воопшто.

„Струга оваа година има многу квалитетен тим, и ова за нас ќе биде тежок натпревар. Но, и нашата форма радува, и тоа го покажавме на последниот меч со Академија Пандев. Иако дуелот не се игра во Тетово, сметам дека сме фаворити и со максимален ангажман на теренот верувам дека ќе успееме да ги освоиме трите бода, и да дојдеме до третата победа во низа“, изјави Флорент Рамадани, играчот на Шкендија.

Бесарт Ибраими напоменува дека ова за него ќе биде посебно емоцијален меч, но дека професионализмот го тера да даде се од себе за победа на сегашниот негов тим Струга ТЛ.

„За мене лично ќе биде многу емоционален меч после шест години кои ги минав таму. Тоа беше моите најдобри шест години во кариерата, и сега ќе ги имам за противник. Навистина нема да ми биде лесно. Но, во фудбалот се случуваат вакви работи. Ние сме професионалци и сега ќе се обидам да дадам се од себе за мојот сегашен тим Струга да победи. Ние сме моментално на првото место, но без разлика сметам дека Шкендија е фаворит. Ветувам дека сите ќе дадеме се од себе за да излеземе од овој меч непоразени“, рече Ибраими.

Добар дуел се очекува и во Штип, каде домашната Брегалница го пречекува тимот на Македонија ЃП. Две екипи кои оваа сезона претендираат на пласман на меѓународна сцена. Брегалница оваа недела се пофали со новитет во името на Себастијан Херера, додека ќе биде интересно да се види како „лавовите“ од Ѓорче Петров ќе функционираат без Сефер Емини кој замина во дански Сондерјиске.

Работнички после стартните три порази, го пречекува Тиквеш во нова шанса за бодови. Кавадарчани покажаа дека се незгоден ривал на почетокот од сезоната, па така на „романтичарите“ ќе им биде исклучително тешко од психолошки план да почнат да победуваат во оваа сезона. Дополнителна тешка околност за нив претствува и тоа што мечот се игра на тренинг комплексот на ФФМ, а не на Националната Арена каде што Работнички најчесто ги игра мечевите.

Шампионот Шкупи по елиминацијата од Европа, се враќа на домашните обврски и гостува на Автокоманда кај Скопје. Се освен триумф на избраниците на Гоце Седлоски ќе биде огромно изненадување од овој меч. Шкупи ќе мора психолошки да се врати после елиминацијата од косовски Балкани и да брка одбрана на трофејот. За Скопје оваа сезона очигледно приоритет ќе биде опстанокот. „Пиратите“ досега се без освоен бод, во друштво со Победа и Работнички. Ова ќе биде само втор меч за Шкупи, откако едниот беше одложен поради европските настапи, а потоа чаирскиот тим беше слободен.

Се вчитува...