ПРВА ЛИГА 9. КОЛО: Седлоски против Влахо – некогашните соработници денеска ривали на „Чаир“!

Деветото коло од Првата лига се затвора денеска со дуелот на Чаир, со скопското дерби помеѓу Шкупи и Работнички. Интересен меч од неколку апсекти. И во двата тима има играчи кои играле и за едниот и за другиот состав, особено во составот на „сино-белите“ од Чаир, во кој дел од играчите како Наумовски, Чешмеџиев, Зука, Брдаровски, Маркоски… во минатото беа дел од „романтичарите“.

Интересен ќе биде и дуелот на клупата, со оглед дека Гоце Седлоски од Шкупи и Александар Влахо од Работнички беа долго време соработници во таборот на Вардар, но подоцна и во Широки Бријег и во младинскиот состав на Динамо. Сега ќе бидат ривали на теренот.

Сезонава екипата на Шкупи на домашен терен знае само за победи, и покрај тоа што одигра само еден на „Чаир“, оној против Борец. Од таборот на домашните се надеваат дека серијата ќе продолжи за задржување на врвот на табелата.

„Ќе биде тежок натпревар. Во последните натпревари тие постигнаа добри резултати и имаат квалитетен состав. Ние сме фокусирани и мотивирани да оствариме уште една победа. Верувам дека во недела ќе ја постигнеме нашата цел и очекувам поддршка од нашите навивачи на домашен терен“, рече Кире Маркоски, фудбалерот на Шкупи.

Победата над Македонија ЃП минатото коло беше првата остварена на гостински терен за Работнички сезонава. Четата на Александар Влахо посакува нов добар резултат против Шкупи на гости. Интересен е податокот дека „романтичарите“ имаат поголем број на победи од Шкупи кога биле гости, односно четири, наспроти четири нерешени средби и три порази.

„Тоа е одличен тим, важат за големи фаворити, а ние ќе се подготвиме максимално за да се претставиме во добро издание“, изјави Александар Влахо, предводникот на Работнички.

ПМФЛ – 9. КОЛO

Скопје: ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ (денеска, 15 ч.)

ВЧЕРА

Битола: ПЕЛИСТЕР – ТИКВЕШ (0-0)

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – РЕНОВА (1-1)

Адем 87′ (п) – Серафимовски 56′

Тетово: ШКЕНДИЈА – БОРЕЦ (3-0)

Дориев 5′, Гури 12′(п), 39′

Штип: БРЕГАЛНИЦА – СТРУГА ТЛ (1-0)

Алтипармаковски 5′

Скопје: СКОПЈЕ – АК. ПАНДЕВ (0-0)

Се вчитува...