ПРВА ЛИГА: Дерби на истокот во Струмица, „новиот“ Работнички на гости во Кратово

Денеска се играат два натпревари од 1. коло во Првата македонска фудбалска лига, која ќе започне со два одложени натпревари поради настапите на Шкендија и на Шкупи во Европа.

Од 17:30, Академија Пандев ќе го дочека составот на Брегалница во дербито на истокот, а Работнички со нов тренер и со неколку измени во играчкиот кадар, ќе гостува кај повратникот во прволигашката конкуренција, тимот на Силекс.

Академија Пандев и Брегалница ќе биде интересен дуел, со оглед дека оваа сезона и двата тима најавуваат европски амбиции. Академија Пандев во последните години е при врвот на табелата, и покрај тоа што има млада екипа, додека Брегалница со ангажирањето на новите имиња, најавува битка за излез на меѓународна сцена.

„Мотото на Брегалница и во новата сезона ќе биде чекор по чекор до својата цел. Јасно е дека буквално секој натпревар е најважниот за нас во првенството, и така верувам ќе се однесуваме на терен. Но, ако нешто знам тоа знам дека моите фудбалери на сите средби ќе дадат се од себе за да дојдат до позитивни резултати“, вели Илчо Ѓорѓиоски, тренерот на Брегалница. 

Силекс после една година се врати во прволигашката конкуренција, и ждрепката сакаше во првото коло да го пречека Работнички. Двата тима имаа доста промени во играчкиот кадар, а „романтичарите“ го сменија тренерот. Го назначијаЉупчо Марковски – Калц за нов предводник со кој се надеваат дека тимот ќе се врати на старите „европски“ патеки.

„Работевме напорно во изминатиот период и верувам дека сме добро подготвени за почетокот на новата сезона во Првата фудбалска лига. Се надевам дека ќе прикажеме добра игра и ќе оствариме поволен резултат. Имаме максимален респект за противникот, но секако веруваме и во нашите квалитети“, вели шефот на стручниот штаб, Љупчо Марковски.

ПМФЛ – 1. КОЛО (денеска, 17:30 ч.)
Струмица: АК. ПАНДЕВ – БРЕГАЛНИЦА
Кратово: СИЛЕКС – РАБОТНИЧКИ
Тетово: ШКЕНДИЈА – СКОПЈЕ (17. август, 17 ч.)
Кавадарци: ТИКВЕШ – ШКУПИ (7. септември, 16 ч.)
МАКЕДОНИЈА ЃП – слободна
ВЧЕРА
Струга: СТРУГА ТЛ – ПОБЕДА 3-0

Се вчитува...