ПРВА ЛИГА – ПОД ЛУПА: Брегалница повторно е фудбалски фактор во Македонија!

Никола Станикевски

Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.

======================================================================================

ТИМ НА 5. КОЛО

Брегалница и Штип повторно се фудбалски фактор во Македонија. И тоа сега, се чини, како никогаш досега во независна Македонија. Јасно беше од почетокот на сезоната дека Брегалница ќе биде повеќе од тврд орев буквално за секој противник во елитата, посебно по ремијата со главните кандидати за титулата Шкупи и Шкендија, но со триумфот над лидерот Академија Пандев на кого му го нанесоа првиот пораз „сините“ потврдија дека имаат свои цели оваа сезона кои умеат да ги реализираат, чекор по чекор. Интересно, двата највозбудливи и најквалитетни натпревари низ досегашниот тек од шампионатот се „дело“ на Брегалница, против Шкендија и овој последниот против Академија Пандев, веројатно како навестување за долга возбудлива сезона за Штип. Од друга страна, и последното коло јасно потврди дека шампионатот и тоа како ќе биде до крај неизвесен, а израмнетоста на екипите во Првата лига е како никогаш досега. Потврда за тоа е и ремито на Пелистер, кој досега нижеше само порази, со големиот фаворит Шкендија.

ИГРАЧ НА КОЛОТО: Марјан Алтипармаковски (Брегалница)

Го донесе толку посакуваниот прв триумф за Брегалница во новата сезона. Одлично реагираше во последните минути на мечот против Академија Пандев за прва победа на својот тим, а прв пораз на струмичани.

===================================================================================

ТРЕНЕР-ПРАГМАТИЧАР НА КОЛОТО: Марјан Секуловски (Брегалница)

Прашање на време беше кога Брегалница ќе дојде до првиот триумф во сезоната. Марјан Секуловски изгради офанзивен фудбал до последна секунда, по кој оваа сезона се препознатливи „сините“ од Штип. Карактерот на тимот и колективот се во фокусот на играта на Секуловски кој успеа да му го нанесе првиот пораз на лидерот на табелата.

=======================================================================================

ГОЛ НА КОЛОТО: Кристијан Велиновски (Академија Пандев)

Постигна одличен погодок за водство на својот тим на гостувањето во Штип. Но, тој гол на крај не се покажа и доволен за избегнување на поразот на Академија Пандев…


========================================================================================

ФОТО НА КОЛОТО: Разиграни летни засилувања…

Се вчитува...