ПРВА ЛИГА ПОД ЛУПА: Вардар и Струга ТЛ „газат“ кон титула, Шкендија „се мачи“, Силекс заостанува

Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.

ТИМ НА 15. КОЛО

Треба да се биде реален. Вардар е за класи подобар од Шкупи во моментов. Дуелот помеѓу „Давид и Голијат“ заврши со триумф на првопласирашниот со убедливи 6-1. Нема да се бавиме со хипотетика и да кажеме што ќе беше ако чаирскиот тим беше во друга состојба. Вака дербито не личеше на дерби и го загуби својот сјај. За немоќта на Шкупи говореа солзите на играчот Дестани, кој што потона во плач по шестиот гол на Вардар. А, „црвено-црните“ немаа милост. Три гола на Омерагиќ, два на Закариќ, еден на Талевски за голема победа. Гази и Струга ТЛ, единствениот засега конкурент на Вардар за титулата. Струга ТЛ барем на хартија имаше полесна задача. А, богами и на теренот. Со 6-0 ја „здроби“ екипата на Башкими, која е далеку поквалитетен ривал од Шкупи. Но, она кое се случува во кумановскиот тим е навистина чудно. Го сменија тренерот иако имаше добри резултати, и тонењето почна. Тоа треба да се праша оној кој ја донел оваа одлука. Шкендија и натаму продолжува да се „мачи“ во првенството. Сепак, ова беше неверојатен 30-ти нивни натпревар од почетокот на сезоната. Едноставно играњето во Европа си го зема данокот. Можеби оваа екипа најмногу од сите ја чека паузата. Да се одмори, да се „рестартира“, па со нови сили на пролет да се обиде да ги нападне Вардар и Струга ТЛ и да го одбрани тронот. Ќе бидеме малку храбри и ќе кажеме дека Силекс ја губи битката за титулата. Кратовскиот тим со новиот пораз од Арсими со 1-3 на домашен терен се чини дека ќе му треба чудо да го стигне Вардар кој бега цели 11 бодови, или Струга ТЛ која бега десет. Затоа за избраниците на Васоски вториот дел од сезоната ќе биде само битка за Европа идната година. На дното ништо ново. Работнички загуби, Шкупи веќе е испаднат, Пелистер и Македонија ЃП одиграа реми, и останаа на исто. Брера исто така ќе се бори за својот опстанок откако загуби од директниот ривал Тиквеш, и за момент е над опасната зона. Арсими, пак, е „хитот“ во овие две кола. После Шкендија, пред тимот од Чегране „падна“ и Силекс. Се чини златни шест бодови кои ќе го однесат тимот кон нова прволигашка сезона идната година.

====================================

ИГРАЧ НА КОЛОТО: Азер  Омерагиќ (Вардар)

Три гола против Шкупи, и дефинитивно голгетерот на Вардар и капитен на оваа екипа го заслужи епитетот играч на колото, потврдувајќи ја одличната форма во која се наоѓа. Сите голови Омерагиќ ги постигна во вториот дел, за да го запечати убедливиот триумф од 6-1.

================================

 

 

 

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: Бледи Шкемби (Башкими)

Конкренцијата за тренер на колото беше голема. Тука е Шкемби, Седлоски, Салиу, Христов… Но, со оглед на фактот дека триумфираше најубедливо со 6-0 над Башкими, епитетот најдобар тренер оди зад името на предводникот на Струга ТЛ, Бледи Шкемби. Неговиот тим доминираше во мечот со кумановската екипа, и на крајот убедлив триумф за продолжување на потерата на Вардар.

==============================

ГОЛ НА КОЛОТО: Стефан Јевтоски (Струга ТЛ)

Играчот од средниот ред на Струга ТЛ, Стефан Јевтоски против Башкими постигна прекрасен гол. По изведен корнер од Хамза, Јевтоски со волеј ја зафати топката и постигна прекрасен погодок. Инаку убав гол на овој меч постигна и Мемертиза Хамза кој стрелаше директно од слободен удар, а исто и Христијан Малески кој убаво погоди во вториот дел.

ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ ПОСЛЕ 15. КОЛО:

Се вчитува...