Прва лига: Водечкото трио брка нови победи на домашен терен

Возбудувањата во Првата фудбалска лига продолжуваат денеска, со почеток во 15.30 часот, со натпреварите од 7.коло. Водечкото трио на табелата, Академија Пандев, Шкендија и Вардар играат дома, и се надеваат на нови победи.

„Пандевци“ ќе го пречекаат тимот на Ренова, кој го промени Јетон Ќерими и денеска на клупата ќе биде досегашниот спортски директор Лирим Саити. Составот на Југослав Тренчовски игра одлично и се надева на нов триумф.

Шкендија влезе во победнички ритам и по „тесниот“ триумф во Кратово очекува нови три бода против Победа во Тетово. Во составот се враќа Мевљан Мурати, а тренерот Ќатип Османи нема да го менува офанзивниот пристап.

Вардар на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари ќе го пречека Силекс. Тренерот Александар Васоски се надева дека тимот ќе продолжи со квалитетните изданија.

„Секој натпревар е различен бидејќи играме со различен противник, и никого не потценуваме. Подготвени сме и на овој натпревар да одоговориме на предизвикот. Нормално дека посакуваме победа. Реков дека не треба да играме на историјата, не треба да се опуштиме бидејќи во фудбалот најважно е да останете концентрирани во секој момент. Така ќе биде нашиот пристап и на овој, и на сите натпревари до крајот и нормално нашата цел е на секој натпревар да одиме на победа“, вели Васоски.

Работнички по два порази едноподруго ќе гостува во Ѓорче против Македонија ЃП, кој исто така е во незавидна позиција со само три освоени бода. Беласица на домашен терен ќе се сретне со Шкупи.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 7.КОЛО (15.30 часот)

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – РЕНОВА

ВАРДАР – СИЛЕКС

ШКЕНДИЈА – ПОБЕДА

МАКЕДОНИЈА ЃП – РАБОТНИЧКИ

БЕЛАСИЦА – ШКУПИ

Standings provided by Sofascore LiveScore

Се вчитува...