И тоа го дочекавме… по период во кој македонската кошарка тоне и тоне, се јави ентузијаст што на своја рака не само што замисли, туку и реализираше максимално интересен проект – Фантази лига за елитното друштво во мак-баскетот.
Неговото име е Марко Николов, израснат во Аеродром кому како и мнозинството од таа населба љубовта во кошарката му е во крвта. Како програмер и фантази-играч во игрите во повеќе спортови, идејата му се родила пред неколку месеци, и Марко успеал веднаш да ја реализира.
ПРВА ПЕТОРКА е името на овој проект. А преку линкот www.prvapetorka.mk можете конкретно да видите за што станува збор.
За оние кои се дел од фантази натпреварувањата е јасно, за оние за кои ова е новина – имате буџет со кој купување тренер, петмина стартери и уште три резерви. Бирате и капитен кој се бодува двојно од останатите. И играте против сите во Македонија, а можете и да си создадете сопствена лига со пријателите, колегите, соиграчите. Самата идеја е за поздравување, а фактот дека Николов за кратко време ја претворил во дело е за максимална почит.

„Искрено, како некој што е од Аеродром и израснат во „лименката“, што знае каква била атмосферата во салите ширум Македонија, разочаран што сега ситуацијата е сосема спротивна. Ова не е никакво „хејтање“ туку само актуелна состојба за која ќе се согласат многумина. Се случи на крајот од ланската сезона да сакам да одам во плејофот на мечеви на МЗТ и да не можам да најдам двајца тројца другари за да бидеме заедно некаде каде што сме биле стотици до пред некоја година. И така, сакав да направам нешто со што ќе оставам трага, но и ќе помогне за популаризацијата на македонската кошарка“, ја почнува својата приказна Николов.

Зошто и од каде идејата за „Фантази лига“?
„Играм „фантази“ во други спортови, знам дека оваа игра добива на популарност од година во година, како во Евролигата, така и во АБА. Инаку, по професија сум програмер и решив да се насочам во текот на летово. Имам одлична работа, па на овој проект гледав како на хоби, го работев во слободниот период и ми прерасна во пасија. Искрено сум горд бидејќи станува збор за квалитетен производ. Засега може да се игра само на „веб“, а во наредниот период ќе се обидам да направам и апликација за проектот да добие уште повеќе“, открива Марко.

Целта е јасна, луѓето да покажат што поголем интерес и да се врати љубовта кон македонската кошарка.
„Од ова тргнав само од ентузијазам и затоа сум горд на оствареното. Разговарав со претстaвници на клубовите, на навивачките групи и од сите добив поддршка, што ми даваше сила да продолжам и да го финиширам овој проект. Планот ми е да има и награди за најдобрите во секоја рунда, очекувам негова реализација во блиска иднина. Ме радува што „Прва Петорка“ добива на популарност и уверен сум дека бројот на „тренери“ ќе расте од коло во коло, од сезона во сезона…“, оптимист е креаторот на овој извонреден проект.
Затоа, сите вие „стручњаци за македонска кошарка зад тастатура“, еве ви шанса.
www.prvapetorka.mk… Направете профил за помалку од една минута и бидете дел од оваа интересна авантура што трае цела сезона, од октомври до крајот на мај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
