Прва победа на Заре Марковски со Романија

Македонскиот стратег Заре Марковски во вториот обид стигна до првата победа како селектор на Романија, откако вечерва оваа репрезентација триумфираше над Холандија со резултат 75-68.

По солидната игра при поразот од фаворизираната Италија, Романците овојпат одговорија на предизвикот и ја искористија предноста на домашниот терен, за триумф над „лалињата“, кои во првото коло беа подобри од Хрватска. Клучната предност беше направена на стартот од последната четвртина, кога Романија стигна до „плус шеснаесет“ (66-50), па избраниците на Марковски во мирниот финиш можеа да си дозволат и пад на концентрацијата, а победата воопшто не им беше доведена во прашање.

Торок со 13 и Кате со 12 поени беа најефикасни кај романскиот национален тим, додека Франке со 14 поени беше прв стрелец на Холандија.

Во оваа група, Италија ја забележа и втората победа во низа откако „аѕурите“ неочекувано лесно ја декласираа на гостински терен Хрватска со 64-80. „Коцкестите“ го почнаа мечот со одлични 23-15 по првата четвртина, но во следните две четвртини Италијанците направија пресврт добивајќи ги со 24-45, за на крајот „аѕурите“ да стигнат до убедлива победа.

Се вчитува...