Прва радост за Арсенал, Вест хем закопан на дното

Арсенал славеше на градското дерби против Вест хем со 3-1, прв триумф на Унаи Емери во Премиер-лигата откако на чело на „топчиите“ го наследи Арсен Венгер. Домаќините повторно не одиграа најдобро, па по голот на Арнаутовиќ се најдоа и во негатива од 0-1. Монреал израмни на 1-1, по што при овој резултат Вест хем не искористи неколку шанси за ново водство.

Лаказет влезе во игра на местото на Ивоби на стартот од вториот дел, во 55. минута се повреди Арнаутовиќ кај Вест хем, а „топчиите“ знаеја да го искористат отсуството на најдобриот гостински фудбалер и стигнаа до трите бода благодарение на автоголот на Диоп, по обидот за додавање на Лаказет. Конечните 3-1 во судиското продолжение ги постави Дени Велбек.

Со ова само се зголемува притисокот над Мануел Пелегрини, кој летово потроши над 100 милиони фунти за нови фудбалери во Вест хем, но по три одиграни кола нема ниту еден единствен освоен бод.

Многу интересно беше на дуелот Бурнемаут – Евертон, каде гостите поведоа со 0-2 иако останаа со играч помалку по исклучувањето на нивниот најдобар фудбалер Ричарлисон. Волкот и Кин ги постигнаа головите за „карамелите“, во меѓувреме црвен картон доби и домашниот играч Смит, за домаќините преку Кинг и Аке сепак да стигнат до реми.

Дефанзивецот Хари Мегвајер беше херојот на Лестер на денешното гостување против Саутемптон, постигнувајќи го голот за победа во 92. минута.

Резултати Англија:

Арсенал – Вест хем 3-1, Бурнемаут – Евертон 2-2, Хадерсфилд – Кардиф 0-0, Саутемптон – Лестер 1-2.

Се вчитува...