Прва радост за Металург, деби со триумф на Иван Марковски

Металург ја забележа првата победа во плејофот откако попладнево лесно и рутински славеше над Еурофарм Пелистер 2 со убедливи 36-23. Ова беше победничко деби на Иван Марковски на клупата на „металурзите“, но триумфот останува во сенка на повредата на Марко Тарабокија, кој настрада при еден шут и дуел во првото полувреме и мораше на носилки да биде изнесен од теренот.

Од самиот почеток стана јасно дека Металург врти нов лист, домашните ракометари максимално мотивирани влегоа во натпреварот и од самиот старт го контролираа мечот. Хорват постигна три гола во првите осум минути и овозможи убедливо водство од 6-2 веќе на стартот од дуелот. Се што успеаја младите „пелистерци“ беше намалувањето на негативата на 12-9 и 13-10 пред крајот на полувреметео, но со головите на Поповиќ Металург сепак успеа да замине на одмор со убедливи „плус шест“ (17-11). За разлика од претходниот дуел со Струга, овојпат „металурзите“ го задржаа силното темпо и во вториот дел, на средина од полувремето стигнувајќи и до двоцифрена предност од 27-17, за на крајот да триумфираат со убедливи 36-23.

Златко Хорват со девет гола беше прв стрелец на поранешниот првакн на Македонија, Калуѓеровиќ постигна осум, додека на спротивната страна Петровиќ и Павле Атанасијевиќ беа најефикасни кај битолчани со по пет погодоци.

Се вчитува...